Новогодишниот базар „Винтерленд“ ќе почне на 6 декември, петок, со традиционално осветлување на елката. Новогодишните куќарки ќе бидат сместени на новиот плоштад меѓу ГТЦ и плоштадот „Македонија“, а ќе има и мала сцена на која секој ден ќе има настани.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави дека новогодишната програма ќе трае 25 дена, до 31 декември.
Во работните денови ќе има по два часа детска програма која ќе почнува во 16 часот, па тричасовна програма за возрасни. За викендите ќе има целодневна програма која ќе почнува во 12 часот.
-Нè очекуваат многу музички изненадувања од земјава и од регионот, кои треба да ги задоволат сите вкусови и да гарантираат добра забава. Затоа, ги поканувам граѓаните да го посетат „Винтерленд 2020“ со своите најблиски, да уживаат во празничниот амбиент и да ја почувствуваат новогодишната магија – рече Шилегов.