Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Возењето електричен тротинет станува сѐ попопуларно кај нас, бидејќи има многу предности. Тротинетите се тивки, лесно преносливи, не ја загадуваат околината и лесно може да се паркираат. Но, од друга страна, може да претставуваат и опасност, како за возачите така и за пешаците

Електричните тротинети сѐ помасовно се возат и од ден на ден се сѐ поприсутни низ улиците на градот. Луѓето не ги користат само за забава и рекреација туку станаа и превозно средство, со кое многу полесно се пробиваат низ сообраќајниот метеж. Како што е познато, електричните тротинети на големо ги промовираа и градските власти, иако кај нас сѐ уште не постои закон со кој се регулира нивното учество во сообраќајот. Од градот Скопје, иако ги прашавме дали пред да ги промовираат електричните тротинети ги провериле законските регулативи, не добивме одговор. Електричните тротинети се сѐ попопуларни и во Србија, но и таму го имаат истиот проблем со ова ново превозно средство, кое не е дел од законот. И кај нас оние што ги возат не се обврзани со правила, каде можат да ги возат, па токму поради оваа „предност“ тие сообраќаат каде што сакаат и лесно се пробиваат низ сообраќајниот метеж. Штом нема закон, тоа значи дека може секој да ги вози.

– Сѐ што не е забрането со закон е дозволено. Таквите тротинети се нова појава на нашите улици, затоа од голема важност е навремено следење на сите нови технолошки напреднувања. Треба да се имаат предвид сознанијата и искуствата од други земји, компаративно да се надгледуваат и споредуваат, како странските така и домашните искуства. Така ќе се одреди и правната регулатива за да се дојде до решение. Потребен е мултидисциплинарен пристап, да се разговара со граѓаните, но и со експертите – вели Борис Мурговски, професор на Факултетот за безбедност.
Електричниот тротинет не е ни велосипед ни мотоцикл, но може да развие брзина од 30 километри на час. Тоа ги прави тротинетите сѐ попривлечни и поприсутни по коловозите, тротоарите, велосипедските патеки… Поради сето ова се поставува прашањето каде е нивното место во сообраќајот. Тие не припаѓаат во ниту една група учесници во сообраќајот, во која се вбројуваат возачите, пешаците, велосипедистите, мотоциклистите, а можат да прават прекршок и да не одговараат за тоа. Од нив треба да се чуваат пешаците, а особено децата, тука веројатно би можеле да се вбројат и самите возачи на електричните тротинети. Тие во одредени ситуации ја загрозуваат и безбедноста на сите други учесници во сообраќајот.

Статистиката покажува дека пешаците и понатаму се една од најзагрозените и најранливи групи учесници во сообраќајот. А според сегашниот закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, оние што возат тротинети претставуваат пешаци. Во законот не се дефинирани електричните тротинети и не се класифицирани во ниту една категорија на учесници во сообраќајот.

Според сегашниот закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, пешак е лице што учествува во сообраќајот, а не управува со возило, ниту се превезува во возило или на возило, лице што со сопствена сила турка или влече рачна количка, запрежно возило или моторно возило, детско превозно средство, велосипед или се вози на тротинет, ролшуи или ролери. Тоа значи дека тие што го користат тротинетот како превозно средство претставуваат категорија „пешак“ во сообраќајот. А категоријата „пешак“ не може да развие брзина од 30 километри на час, но електричниот тротинет може. Токму затоа е потребно дополнување на законот. Во него, на пример, стои дека на коловоз не смее да се игра, лизга, скија и санка, како и да се вози тротинет, ролери, скироли и друго. Во спротивно може да добие казна во износ од 50 евра.

Надвор од санкционирањето се електричните тротинети, кои се возат по тротоари, велосипедски патеки, но и по коловози. По потреба, тие што ги користат овие превозни средства се движат каде сакаат. Доколку влезат во закон, ова повеќе не ќе биде можно.


Во Лос Анџелес 250 возачи на електрични тротинети завршиле во болница

И во Србија сѐ попопуларни се електричните тротинети и нивните возачи не се обврзани со никакви законски прописи. За „Србија денес“, Дамир Окановиќ вели дека на електрични тротинети во сообраќајот можат да се сретнат и деца до 10 години, луѓе што се под дејство на алкохол или, пак, луѓе што не се здравствено способни. Нивната легална употреба зависи од држава до држава. Во одредени делови на Австралија тие не смеат да се движат побрзо од 10 километри на час и не смеат да се движат по колосек и велосипедски патеки. Во Калифорнија, возачите мора да имаат најмалку 16 години, да поседуваат шлем и не смеат да се возат на тротоарите. Во Германија се дозволува да се вози на јавни патишта и велосипедски патеки, но корисниците мора да бидат постари од 14 години, се наведува во весникот „Мондо“. Возењето електричен тротинет има многу предности. Тротинетите се тивки, незагадувачки кон околината, лесно преносливи и лесно може да се паркираат. Токму поради тоа можат да претставуваат и опасност, како за возачите така и за пешаците. Така, на пример, во Лос Анџелес, за само една година во болница завршиле 250 возачи на електрични тротинети, а тројца загинале. Дел од проблемот лежи во тоа што овие уреди можат да развијат поголема брзина. Развивањето на поголемите брзини може да доведе до судири со пешаците и сериозни повреди. Така, минатата година, повеќе од 300 парижани биле повредени во блиска средба со електрични тротинети. Вакви блиски средби веќе се случуваат и кај нас и токму затоа нивната примена како превозно средство сериозно го наметнува прашањето за нивно вклучување во законска рамка.