Скопје ќе добие еколошки и брз транспорт
Градот Скопје нема да добие трамвај, ќе добие нова автобуска линија на струја
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во својот отчет за двегодишната работа од својот мандат вети целосна трансформација на градот и сосема поинаков јавен превоз. Меѓу другото, најави нов проект за изградба на брза автобуска линија на струја во главниот град.
– Скопје ќе добие сосема поинаков јавен градски превоз, што ќе овозможи да се забрани движењето автомобили во централното градско подрачје – рече Шилегов.
Истовремено, завчера премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање, кажа дека се планира во градот да се воведе електричен трамвај на гуми, кој ќе чини 100 милиони евра. Овие изјави од политичарите воведоа мала конфузија за што точно станува збор. Според последните информации од градот Скопје, дознаваме дека сепак станува збор за брз автобуски превоз, за автобуси што ќе работат на водород, а истото тоа го потврди и градоначалникот Шилегов во таканаречената реализирана програма „Чекор по чекор“.
– Имајќи ја предвид економската состојба во која се наоѓа нашата држава, имајќи предвид каква е буџетската состојба, јавниот транспорт е категорија што градот како град не може сам да ја финансира. Затоа сме во разговори со Владата за финансирање на јавниот транспорт, кој, наместо трамвај што би чинел 350-370 милиони евра, се одлучивме да го замениме со таканаречен „бас рапид транзит“ – изјави Шилегов.
Како што опиша градоначалникот, брзите автобуси ќе бидат долги 24 метри, со капацитет од околу 200 патници и ќе доаѓаат на секои три-четири минути. Овие брзи автобуси имаат различна технологија од досегашните, тие работат со погон на водород што создава нуспродукт водена пареа, а наедно ќе создава електрична енергија. Тоа во суштина значи дека ќе продуцираат нула емисија на штетни гасови во атмосферата.
Овој пристап во новиот јавен транспорт ќе помогне да се намали загадувањето, заедно со проектите за пошумување на Водно, како и за садење 400 садници по течението на Вардар, од хотелот „Александар палас“ до објектот на Владата. Дрворедот од 400 садници ќе има нови дрвја, високи 14 метри, во големото широко корито на реката Вардар.
Шилегов исто така најави дека со проектот за новиот транспорт нема да биде опфатен само ’рбетот на градот, односно оската исток-запад, туку новиот транспорт ќе оди и по линијата север-југ, односно од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и од Кисела Вода до Бутел. Сиот оној метеж во Чаир и другите проблематични места во градот каде што често има паркирани автомобили ќе го снема, бидејќи новите автобуси ќе возат по крајната десна лента. Таа ќе биде наменета исклучиво за сообраќање на брзите автобуси. Тоа значи дека со новите автобуси ќе треба трансформација на досегашната сообраќајната мрежа во градот, а дополнително ќе биде потребна и изградба на посебни коридори или коловози што ќе ги опслужуваат патниците.
Од еколошките организации напоменуваат дека сепак треба да се внимава подобро планирање на целокупниот транспортен сектор во државата.
– Сметаме дека е потребно да се засилат напорите за декарбонизација на целокупниот транспортен сектор во државата, најавата за јавен транспорт со нула емисии оди во таа насока и се надеваме дека нема да остане само најава и ќе се реализира. Меѓутоа, потребно е и подобро планирање на сообраќајната мрежа пред да го затвориме централното градско подрачје за сообраќај за да се избегне повторно застојот во сообраќајот, кој придонесува за загадување на воздухот. Мора да има поголема фреквентност и поврзаност на јавниот транспорт во градот и подобрување на протокот и безбедноста на патеките за пешаци и велосипедисти – велат од центарот за истражување и информации на животната средина „Екосвест“.