„Како да се спаси планетата Земја“ е мотото на настанот што се одржа во основното училиште „Ацо Шопов“ во скопската населба Радишани. Идејата за работилницата е на наставничкиот тим од училиштето за тоа како да се учи низ игра и забава за зачувување на животната средина. Преку улога на едукатори, учениците од училиштето „Ацо Шопов“ низ видео и едукативни содржини презентираа колку е загрозена животната средина, но исто така посочија и дека ни е неопходна промена на свеста за да не се самоуништиме. Овој едукативен настап, врзан за зачувувањето на животната средина, го проследи и градоначалникот на општината Бутел, Велимир Смилевски.
Осмоодделенката Миа Савиќ акцентира дека за да опстанеме мораме да се смениме и ние и нашите родители. Нејзината наставничка по географија Невенка Стоева објасни дека ги менторираат учениците сами да ги откриваат најзагадените предели во светот и во својата татковина.
– На еден иновативен начин кај децата се создава желба и самите тие да бидат активни опоменувачи на еколошки неосвестените – вели наставничката по хемија Лилјана Трајкова.
Нејзината колешка Маја Чубриноска, која ја држи катедрата по биологија во училиштето, пред присутните праша како едно дете ќе сфати зошто е толку важна здравата растителна храна и ќе умее да ја цени ако со свои раце не умее да посади барем едно коренче домат или пиперка. Воодушевен од оваа ученичка работилница во училиштето „Ацо Шопов“, градоначалникот Смилевски најави дека општината ќе почне со пилот-проект поставување канти за селектиран отпад на улицата Црвени брегови, како и на други локации. Бутелчани ќе добијат можност да го селектираат отпадот.