„Европскиот воз“ вечерва пристигна на железничката станица во Скопје, во рамки на глобалниот настан „Конектинг Јуроп Експерес“ со кој се одбележува „годината на железницата“.
Со возот пристигна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, по неговото денешно учество на самитот посветен на развојот на железницата во земјите од Западен Балкан, одржан во Белград.
– „Европскиот воз“ за нас претставува доказ за пријателство, за одличната соработка што ја имаме со нашите партнери од Европската Унија, како и за поддршката што ни ја овозможуваат во развојот и модернизацијата на целиот транспортен сектор – истакна министерот.
Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека пристигнувањето на возот ја претставува симболиката за подобра поврзаност, која е високо на агендата на ЕУ.
Предвидено е „Европскиот воз“ да посети 26 држави од Европа, а негова следна станица е Атина. Возот тргна од Лисабон на 2 септември, а негова последна дестинација ќе биде Париз на 7 октомври.