Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градот Скопје распишал јавна набавка за изнајмување на опрема за висинско набљудување на терен, диви депонии и преостанати зони во градот. Тие ќе се користат од октомври до февруари, и тоа не секој ден туку по потреба во деновите со поголемо загадување

Иако сега малку се спомнува загадувањето на воздухот и никој повеќе не зборува за вредностите на штетните ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, не смее да се заборави на проблемот. Напротив, многу повеќе ќе треба да се сработи летово за да не ни се случува истото што и изминативе зими, да не смееме од дома да излеземе без маски. Затоа е важно да се лоцираат загадувачите и да се применат вистинските мерки во вистинско време, за да не биде предоцна. Од градот Скопје веќе распишале јавна набавка за изнајмување на опрема за висинско набљудување на терен на диви депонии и преостанати зони во градот. Дроновите ќе се користат од октомври до февруари, месеци кога загадувањето е најголемо. Тие нема да се користеле секојдневно, туку по потреба и особено во деновите со поголемо загадување. Надлежните сметаат дека контролата на теренот ќе биде поефикасна, бидејќи инспекторите ќе знаат точно каде да се упатат и велат дека така ќе имаат поголема прегледност на теренот.
На нашето прашање со колку дронови градот Скопје го следи теренот и дали има загадувачи на воздухот ни одговорија дека е распишан оглас за јавна набавка за изнајмување на опрема за висинско набљудување на терен, диви депонии и преостанати зони во градот.

– Предмет на договорот не е набавка на дронови, туку користење на услуга за изнајмување. Цената е утврдена за вршење прелети на површина по квадратен километар на територија на град Скопје со воздухоплов без екипаж, дрон опремен со систем за 3Д-мапирање на терен. Вредноста на договорот без пресметан ДДВ за период од 12 месеци изнесува 820.000 денари – велат од градот Скопје.
Договорот е склучен во април годинава.

Од градот се децидни дека дроновите нема да се користат секој ден туку по потреба, а посебно во периодите на поголема загаденост, односно во периодот од октомври до февруари. Додаваат дека дроновите не се користени во овој период, бидејќи немало потреба од нив. Иако побаравме да ни набројат каде имаат откриено загадувачи, на кои локации, кои се и што конкретно е преземено против нив не ни одговорија, бидејќи како што кажаа, во овој период не ги користеле беспилотните летала.

Но животната околина и сега се загадува со палењето диви депонии и кабли и е прашање колку можат да постигнат инспекторите за да го покријат градското подрачје, бидејќи минатата година градските власти се пожалија дека градските инспектори не се во доволно голем број за да можат да ги детектираат сите кои придонесуваат за загадувањето на воздухот. Минатата година тие нагласија дека е потребно да се зголеми бројот на инспектори, бидејќи располагаат со четири овластени инспектори за животна средина, 10 комунални инспектори и 16 комунални редари и најавија дека со почетокот на годинава бројот ќе биде зголемен. Само така, сметаат од градот, контролата ќе биде на едно повисоко ниво. Но сега велат дека порано од крајот на летово ќе вработат дополнителен број инспектори.

Ако дроновите не се користат летово, се поставува прашање дали градските инспектори иако малку, шетајќи по градов, секаде ќе стасаат да ги лоцираат загадувачите, бидејќи е потребно да се реагира превентивно и летово. Не смее повеќе да се дозволи загадениот воздух и натаму да им го нарушува здравјето на граѓаните. Загадувачи има и сега и тие се гледаат со голо око во вечерните часови, а тоа го потврдува чадот што сѐ уште е присутен на кејот на Вардар.


Лани се најавуваа дронови со термокамери

Да потсетиме дека градот презентираше беспилотно летало на Вардариште. Дури имаше и најава за користење на дронови во ноќните часови за да се откриваат загадувачи на воздухот.
– Со дронови опремени со термокамери ќе се лоцираат загадувачи во ноќните часови и тие ќе се санкционираат. Во фаза сме на набавка на попрецизни инструменти за детектирање на изворите на загадување. Ќе следуваат и одредени законски измени и соработка со граѓаните и со сите невладини организации – рече Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторатот на градот Скопје, во мај минатата година на конференцијата „Како до почист воздух во градовите“, што се одржа во организација на невладината организација „Зелен институт“ од Скопје, а со поддршка на „Биро де хелинг“ од Холандија.
Градските власти изминатава зима се пофалија дека во октомври изрекле двојно повеќе казни за разлика од октомври 2017 година. Но казните за оние кои ја загадуваат животната средина треба да се изрекуваат и сега.