Дрво од видот Гинко е засадено денеска пред Судската палата, на просторот каде што претходно се наоѓаше споменикот на Андон Лазов Јанев –Ќосето.
– Отстранувањето на споменикот и засадувањето на таканареченото дрво на човекови права на местото на постаментот-дивоградба е симбол на почитување на законитоста, правдата и правичноста – истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Покрај дрвото ќе биде поставена изгравирана плоча која ќе потсетува на правото на праведно и јавно судење на секој граѓанин пред независен и непристрасен суд изразено во Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации.
На настанот, покрај градоначалникот Шилегов, присуствуваа и заменик-министерот за надворешни работи на СР Германија Михаел Рот, претседателката на Градскиот совет на партијата СПД во Нирнберг, Ања Прелс-Камерер и амбасадорот на СР Германија Томас Герберих, како и претставници од збратимениот град Нирнберг.