Фото: Маја Јаневска-Илиева

Загадувањето на воздухот сѐ повеќе расте, предлог-решение нема

Скопјани деновиве вистински се задушуваат во маглата и загадувањето на воздухот, кое на граѓаните им е проблем број еден, но се чини не и на надлежните, кои ништо не прават за да се промени нешто. Воздухот е толку загаден што го отежнува дури и нормалното дишење. Присуството на ПМ 10 честичките е неколкукратно зголемено, а тоа ги загрижува возрасните. Многу родители се прашуваат дали можеби надлежните предвреме ќе ги пратат учениците на зимски распуст. Велат барем децата да не го дишат воздухот, кој вчераутро, барем во општината Центар, според апликацијата „Мој воздух“ покажуваше над 300 микрограми ПМ 10 честички, што е шест пати над дозволените граници. Некои од мерните станици на Министерството за животна средина не работат, а тие што се во функција покажуваат високо ниво на загаденост. Доколку мерната станица во Ново Лисиче беше во функција, тогаш сигурно ќе покажеше дека во тој дел на градот е и најзагадено. А надлежните, пак, велат дека не е постојано загадувањето за да реагираат. Граѓаните, пак, тргнувајќи од информациите дека по два последователи дена на екстремно загадување ќе се воведе бесплатниот јавен превоз, следејќи ја апликацијата „Мој воздух“, веќе се прашуваат зошто сѐ уште нема бесплатен превоз.

Според податоците од страницата на Министерството за животна средина за квалитетот на воздухот, вчераутро многу високо загадување имаше кај Ректорат и Центар. Додека, пак, апликацијата „Мој воздух“ прикажуваше податоци на постојано многу високо загадување за Центар, Карпош 4 и Ректорат. Оваа апликација, вчера, во 12 часот, за Центар покажуваше 215, за Карпош 179 и за Ректорат 198 микрограми ПМ 10 честички на кубен метар. Овие бројки покажуваат многу високи концентрации на штетните ПМ 10 честички. Можеби недоследноста на податоците за поголемото загадување се должи на тоа што страницата на Министерството за животна средина се ажурира секој час. Оттаму велат дека состојбата сѐ уште не била алармантна.

– За да прогласи Министерството за животна средина и просторно планирање алармантна состојба со загадувањето на амбиенталниот воздух, постои протокол.

Протоколот предвидува два дена по ред среднодневните вредности на ПМ 10 да бидат над 100 микрограми, а потоа плус два дена последователно концентрациите на ПМ 10 треба да бидат над 200 микрограми. Тогаш се воведува алармантна состојба за конкретната општина. А доколку две станици во Скопје ги надминуваат овие вредности, тогаш се воведува алармантна состојба во градот, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Ако ваквите метеоролошки услови продолжат и овие вредности што ги споменавме ги измерат најмалку две станици во Скопје, тогаш ќе се алармира градот, кој треба да ги активира препораките во согласност со Планот што го има подготвено за дејствување во вакви услови на енормна загаденост на воздухот, објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Заменик-министерот Јани Макрадули на новинарско прашање вчера објасни дека веќе го дефинирале терминот што е надминат праг на загадување на воздухот. Додаде дека се во состојба на постојано информирање за загадувањето на воздухот кога важат препораките да не се излегува надвор, да се користи јавниот превоз, повеќе граѓани да бидат во едно возило… Ако и утре продолжи загадувањето, тогаш ќе алармираат, посочува заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и додава дека така е секаде во светот.

Но со оглед на високиот индекс на загадување, вчера ги прашавме во општината Центар дали можеби размислуваат за предвремен почеток на зимскиот распуст и предвремено завршување со наставата за првото полугодие, за децата да не дишат загаден воздух, бидејќи најранлива категорија се децата што одат во градинките и учениците. Од Центар велат дека општината ја следи ситуацијата со загадениот воздух и дополнително ќе се утврдува дали можеби децата ќе заминат на распуст и пред неговиот официјален почеток, бидејќи, како што кажаа, општината размислува пред сѐ за децата.

Сепак, енормното загадување сѐ уште претставува проблем со или без мерењето на податоците колку е загаден воздухот во Скопје.

И скопскиот градоначалник има кажано дека по два последователни дена на енормно загадување на воздухот граѓаните ќе добијат бесплатен јавен превоз. Некои од причините за бесплатен јавен превоз во периодот на енормното загадување беа за да се пренасочат граѓаните да ги користат услугите на јавниот превоз наместо да ги користат своите автомобили. Целта на оваа итна мерка е да се намали загадувањето на воздухот. Исто така, како што е познато, Министерството за животна средина и просторно планирање направи анализи и утврди дека во 2017 година дозволениот број за надминување на загаденоста на воздухот е 35 дена, а кај нас 185 дена во годината имало надминување на загадувањето со ПМ10 честички. Граѓаните прашуваат колку денови годинава треба да биде надминато загадувањето за да се преземе нешто да не дишат загаден воздух.

Од градот Скопје кажаа дека мерката за бесплатниот јавен превоз треба да биде овозможена по известување од Министерството за животна средина дека прагот за ПМ 10 честиците е надминат во два последователни дена. Кога ќе утврдат од кај нив, се пушта барање и тогаш градот Скопје може да изреагира.

– Во услови кога се исполнети законски утврдените мерки, се преземаат чекори по добиено известување од Министерството за животна средина дека прагот на алармирање за ПМ10 честичките во воздухот е надминат во текот на два дена последователно. Градот Скопје по објавата на Министерството за животна средина може да пристапи кон итни мерки и препораки. Една од мерките е и воведувањето бесплатен јавен превоз за сите граѓани – ни одговорија пред извесен период од градот Скопје на прашањето кога ќе пуштат бесплатен јавен превоз.

Според Европската комисија за животната средина и воздух, максимално дозволените граници за ПМ 10 честичките за еден ден изнесува 50 микрограми на кубен метар. Според изнесените податоци, во споредба со европските стандарди, тоа значи дека граѓаните треба два дена последователно да дишат двојно позагаден воздух и дополнителни два дена со четири пати позагаден воздух, за да имаат можност да користат бесплатен јавен превоз.


ДОМ бара итни мерки за воздухот

Политичката партија ДОМ, која партиципира во власта и важи за зелена партија, вчера јавно праша: „Колку лондонски смогови голтнавме зимава и до кога?“. Во реакција до јавноста тие порачуваат дека македонските надлежни треба да одлучат да се применат итни мерки што се познати и пропишани: пар-непар за колите, бесплатен јавен превоз, забрана за тешки возила во градските центри, стоп за градилиштата, преполовување на индустриското производство, засилена контрола на сите стопански загадувачи (големи, средни и мали), миење на улиците. Паралелно треба да течат субвенции за печки и горива за домаќинствата, транзиција од фосилни во обновливи горива, како и редица други мерки.
Во реакцијата, ДОМ ги прашува надлежните институции на државно и на локално ниво, кои наместо прогласување аларм за повеќенеделното аерозагадување, дали чекаат ветре да го расчисти небото.
– Зарем е малку да има со недели ПМ 10 од 100 до 400 микрограми на кубен метар во десетина македонски градови? Зарем е битно дали има прекини од два-три дена помеѓу екстремите? Ова е вонредна состојба со аерозагадувањето и тоа треба да се каже и да се преземат конкретни мерки за негово намалување! – се вели во реакцијата на ДОМ.
Во неа се појаснува дека лондонскиот смог се случил 1952 година, кога по петдневно екстремно загадување во Лондон се проценува дека умреле околу 4.000 лица, а во следните месеци уште 6.000. Тоа бил силен аларм за надлежните да преземат итни краткорочни мерки, пред сѐ рестриктивни правила за индустријата и домаќинствата за употребата на горива. Подоцна, во 1956 година е донесен и првиот Акт за чист воздух за Обединетото Кралство, прв таков и во светот.

Ќе ги прати ли загадувањето учениците на предвремен распуст
Фото: Игор Бансколиев