Фото: Маја Јаневска-Илиева

На повик на група граѓани, екипа на „Нова Македонија“ беше во населбата Автокоманда, каде што регистрира расфрлана облека токму од контејнерите за донирање гардероба за ранливите категории граѓани, процес што е педантно организиран преку Црвениот крст. Но несовесни граѓани или, поточно, оние што насилнички се однесуваат и вршат различни криминални дела, вклучувајќи и кражби од контејнерите за донирана облека, ја уриваат довербата во добродетелството и донирањето, а ги компромитираат и проектите на Црвениот крст, кои секогаш имаат граѓански висок морален и етички карактер

КОНТЕЈНЕРИТЕ ЗА ДОНАЦИЈА НА ГАРДЕРОБА НА НИШАН НА КРИМИНАЛЦИТЕ

Донирањето облека речиси насекаде во светот функционира совршено. Ако не се оди по системот од едно на друго колено, таа се донира, и тоа не за оние што немаат, туку од неа може да земат сите на кои би им се допаднало одредено парче облека. Исто така, речиси насекаде во светот постои продажбата на облека од втора рака, каде што добро зачувани парчиња гардероба се продаваат по исклучително ниски цени од 50-60 денари, па и поевтино.
Само во нашата земја принципот на донирање облека се смета како којзнае какво дело, оние што ја донираат ја донираат валкана и искината, но и оние што имаат потреба од неа ја пребираат, односно бараат поубави парчиња облека, со одредена боја и дезен. Во земјава функционира системот на донирање облека преку Црвениот крст, преку нивните поставени контејнери наменети за донација, за кои секојдневно сме сведоци како несовесни граѓани, претежно од социјално ранливи категории, ги крша и уништуваат, облеката ја вадат целата надвор и ја расфрлаат, избирајќи ги само поубавите парчиња гардероба.

СЕ ГУБИ ДОВЕРБАТА ЗА ДОНИРАЊЕ

Честопати на пазарите може да се забележи продажба на веќе носена облека, а ако имате некој познат што ја продава и го прашате од каде е облеката, ќе ви каже дека ја земаат од контејнерите на Црвениот крст.
За жал, облеката што е наменета за да им помогне на оние што сериозно имаат потреба од неа, се злоупотребува, се краде и се препродава, а доста често и завршува во контејнерите, затоа што некому така му текнало.
За ова сведочат жителите на Автокоманда, кои велат дека низ населбата имаат расфрлана облека токму од контејнерите што се кршат и уништуваат.
– За секаков поздрав е тоа што ги имаме контејнерите за донација на облека, затоа што сите донираме со надеж дека облеката ќе стигне онаму каде што е најпотребна. За жал, речиси цело лето се соочувавме со успешно искршени контејнери, од каде што одредена категорија граѓаните ја вадеа облеката, ја пребираа и ја расфрлаа низ населбата. Во неколку наврати реагиравме, па дури и ги бркавме кога ќе дојдеа, но, сепак, залудни беа нашите обиди, бидејќи знаеја да дојдат и во доцните вечерни часови и да ја извадат целата донирана облека. Откако ќе си одберат што им се допаѓа, а што не, остатокот го расфрлаат низ населбата, правејќи мини-депонии – вели Симона Христовска, жителка на оваа населба.
Дека тоа е така се увери и екипа на „Нова Македонија“, која беше во оваа населба за теренски да ја увиди ситуацијата. Облеката беше расфрлана насекаде, деца ја влечкаа и играа со неа, наместо таа да заврши онаму каде што е потребно.
Сето тоа буди револт кај граѓаните, кои велат дека повеќе не ни донираат, бидејќи велат дека ваквото неодговорно однесување само ги оддалечува од социјални активности.
– Во многу наврати донирав облека, па и одлично зачувани чевли од моите деца. Знаете, деца како деца, најчесто брзо израснуваат, па облеката и обувките остануваат недопрени. Не сакав да ги нудам по пријатели, затоа што сите можат да си дозволат да си купат за своите деца. Решив да ги донирам во контејнер на Црвениот крст, со надеж дека ќе се најдат онаму каде што е најпотребно. За жал, забележав како мали деца се злоупотребуваат и со помош на родители се качуваат во контејнерите за буквално да ја крадат облеката. Оттогаш повеќе не донирам, едноставно не е фер некој што има да ја краде на штета на оние што немаат – вели Љубица Стојановска.

ЧЕСТ ПРОБЛЕМ УШТЕ ОД ПРВИОТ ДЕН

Од Црвениот крст на Град Скопје велат дека ова е проблем со кој се соочуваат уште од првиот момент кога се поставени контејнерите за донација на облека.
– За жал, уште со самото поставување на контејнерите се соочуваме со таков проблем. Особено чести се како појава кај контејнерите што се наоѓаат во централните подрачја и најчесто за време на викенд или во доцните вечерни часови. Досега сите вакви инциденти биле поврзани со лица од одредена група граѓани, кои иако редовно добиваат бесплатна облека, најчесто крадат од контејнерите за препродавање – информираат оттаму.
Од Црвениот крст додаваат дека единствен начин на кој тие можат да влијаат е со издигање на свеста и со укорување и пријавување на ваквите случаи.
– Од наша страна веќе се затворени преградите на контејнерите на минимум, за да не може да влегуваат. Порано беа доста почести овие инциденти. Забележуваме дека со текот на времето се намалуваат, иако сѐ уште сме сведоци на вакви случувања. Штетата е секогаш материјална (оштетувања на контејнерите, кражба на облеката). За нас таа штета е незначителна во однос на штетата што се однесува на губење на довербата кај донаторите (кои поради вакви причини повеќе не сакаат да донираат во контејнерите), расфрлање на облеката по улици, нарушување на имиџот и слично – велат оттаму.
Тие нагласуваат дека вината, сепак, е во ниската свест кај одредено население. Но, сепак, велат дека се истрајни и оти се надеваат дека на долг рок овие случаи ќе бидат сѐ помалобројни.


„Ограбувачи на контејнери“

Појавата на која укажуваат и од Црвениот крст порано беше многу честа и ги вознемируваше, па дури и ги згрозуваше луѓето што ќе се најдеа во близина на овие контејнери, а особено на оној во близината на „Сити мол“ во Карпош 3. Имено, контејнерите обично ги опкружуваше повеќедетно семејство, а таткото земаше едно од децата, доволно ситно да влезе во отворот каде што граѓаните ја ставаа облеката, а доволно вешто за „операцијата“ што следуваше. Имено, таткото, со механизмот со кој алиштата се спуштаа во контејнерот, го спушташе детето внатре. По извесно време, детето преку истиот механизам враќаше сѐ што може да дофати во контејнерот и така ја празнеа неговата содржина. На крајот, откако ќе извадеа доволно алишта, му сигнализираа со тропање и викање на детенцето, а тоа повторно легнуваше во механизмот и таткото ќе го извадеше надвор. Не помагаа укажувањата и расправиите од случајните минувачи дека детето се става во опасност, дека внатре може да се задуши, дека има секакви опасности, но таткото, најчесто, беше доволно гласен да се расправа со сите, бранејќи се дека нема друг избор за да заработи некој денар!?
Очигледно и луѓето од Црвениот крст биле добро запознаени со ваквата појава, па веднаш презеле мерки. Според нивните зборови, сега отворите се сведени на минимум, па ваквите слики нема да се повторуваат. Или барем додека „ограбувачите на контејнери“ не најдат нов ефикасен начин за нивно празнење. Затоа што оштетувањето и празнењето на контејнерите не престанува.

[email protected]