Снежана Калабакова
Физичките и правните лица што имаат ненамирени сметки за вода можат да здивнат, бидејќи заостанатиот долг ќе можат да го платат на рати и без да платат камата. Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ веќе објави информација на својата веб-страница и сите заинтересирани граѓани и правни лица ќе можат да склучат договори за отплата на долгот до 15 мај годинава. Граѓаните, пак, корисници на социјална помош ќе мораат да приложат потврди од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи за да бидат ослободени за плаќање до 10 кубни метри потрошена вода месечно. За оваа категорија граѓани „Водовод“ има донесено одлука за ослободување до овој потрошен лимит вода. Со Министерството за труд и социјална политика истовремено разгледуваат дополнителни можности за целосно или делумно ослободување други групи социјално ранливи категории граѓани или приматели на социјална помош.
Од јавното претпријатие информираат дека бројот на ратите ќе го одредуваат во зависност од висината на долгот. Истите услови важат како за физичките така и за правните лица, а различен е бројот на ратите во однос на висината на долгот на граѓаните или за некое правно лице. Така, на пример, на граѓаните што должат сума од 4.000 до 7.000 денари, претпријатието ќе им дозволи исплата на долгот на две месечни рати, додека, пак, на правните лица со заостанат долг од 6.000 до 30.000 денари ќе им бидат дозволени три рати. Најмногу, 24 рати, за отплата на старите сметки ќе добијат најголемите должници, односно физичките лица што долгуваат за потрошена вода во вредност од над 110.000 денари. Најголем број месечни рати, односно период од две години за отплата на долгот ќе добијат правните лица што должат двојно повеќе од физичките, односно од граѓаните. ЈП „Водовод и канализација“ ќе им понуди можност на правните лица долгот од 210.000 денари да го отплаќаат на 24 месечни рати, како и граѓаните, без притоа да им биде пресметана каматата за висината на целокупниот долг.
Право на отплата на долгот без камата ќе добијат исклучиво граѓаните и правните лица што ќе потпишат договори, сите други ќе мораат да се соочат со вообичаените постапки за присилна наплата на долгот. Инаку, од претпријатието информираат дека веќе имаат утврдено табеларен преглед со кој се утврдени сумите на долговите според кој се и лимитирани и ратите, а одделно се подвлечени за физичките и правните лица. Од претпријатието информираат дека најмногу им должат граѓаните, а ненаплатените побарување по таа основа, односно од физичките лица се во висина од 2.419.000.000 денари, додека пак правните лица му должат на претпријатието 713.845.000 денари. Од претпријатието не сакаа да споменуваат ниту звучни имиња на физички лица должници, ниту пак имиња на фирми или институции што биле неплаќачи на потрошената вода.
Од претпријатието велат граѓаните треба само да се обратат кај нив во службите и да потпишат договори. Отплата на шест месечни рати ќе им следува на оние што должат помеѓу 20.000 и 25.000 денари, а на десет месечни износи ќе им биде поделен долгот на оние што имаат неплатени сметки во висина од 40 до 45 илјади денари.