Скопје има најмалку 5.000 такси-возила, нешто повеќе од половина од нив се нелиценцирани
Изминатиов период Асоцијацијата на легални такси-превозници постојано го изнесува проблемот со кој секојдневно се соочува – нелојална конкуренција во автотакси-превозот. Дивите таксисти во автотакси-бизнисот дејствуваат без плаќање такси кон државата. Ова претставува проблем за државата, но и проблем за легалните такси-превозници. Граѓаните многу често и не знаат дека влегуваат во нелиценцирано автомобилско такси.
Дивото такси претставува нелиценцирано возило, кое вообичаено нема стандарден таксиметар, такси-возачот што го управува возилото не е пријавен за давање такси-услуги. Проблемот со нелегалните таксисти се наметнува како значаен затоа што нелегалните не плаќаат такси за своите услуги и со тоа ѝ прават штета на економијата во државата. Истовремено проблемот се продлабочува со тоа што дивите таксисти постојат во голем број и им ја одземаат работата на легалните такси-превозници.
Според општите процени, диви таксисти има нешто повеќе отколку што има легални.
– Градот Скопје врши редовни контроли и инспекции за тоа дали такси-превозниците се придржуваат до одредбите и правилата во согласност со одлуката за автотакси-превоз на патници на подрачјето на градот Скопје. Во Скопје има околу 2.400 лиценцирани автотакси-превозници, а немаме конкретен податок за бројот на нелиценцирани (диви) таксисти. Со Законот за превоз во патниот сообраќај инспекторите, освен санкционирање со глоба од 500 евра, и привремено ги одземаат возилата што не поседуваат извод од лиценци – велат од градот Скопје.
Од друга страна, на прес-конференција скопските таксисти ги информираа новинарите дека во Скопје има околу 5.000 таксисти, од кои 2.400 со лиценци. Од асоцијацијата велат дека голем број пензионирани полицајци и пожарникари работат како превозници во оваа дејност и на тој начин им го одземаат прометот и не плаќаат придонеси кон државата.
– Во Скопје има најмалку 5.000 такси-возила, во зависност од тоа дали е петок-сабота или други денови. Издадени се 2.400 изводи од лиценци за такси, а во АВРМ има пријавено пет пати помалку такси-возачи. Низ градот се возат необележени такси-возила, нелиценцирани, без таксиметри, се наплатува 3-4 пати повисока цена на превозот на такси-станица. Такси-станиците се преполни, бидејќи не се предвидени за толкав број возила. Возат непријавени такси-возачи, особено пензионери, меѓу кои многу воени лица, пожарникари, полицајци и други, кои возат непријавени – вели Сашо Рајчановски од групацијата на автотакси-превоз на градот Скопје.
Неодамна Асоцијацијата на легални такси-превозници оствари средба со премиерот Зоран Заев, во која беа изразени нивните очекувања да се најде решение на прашањето со нелегалните такси-превозници и компании, за можностите за целосна фискализација во такси-превозот, како и за проширување на можностите за субвенции за електрични возила.
– Инспекторите за патен сообраќај спроведуваат надзор на три начини, и тоа редовен, вонреден и контролен инспекциски надзор, при што се утврдува дали субјектите што се предмет на надзорот ја поседуваат потребната документација во согласност со законските прописи за вршење превоз на патници на подрачјето на градот Скопје.
Секаде каде што е констатирано дека е направен прекршок во согласност со законските надлежности, инспекторите поднесуваат барања за поведување прекршочна постапка до надлежниот орган (комисијата за водење прекршочна постапка при Министерството за транспорт и врски). Во текот на 2018 година (последен целогодишен извештај усвоен од страна на Советот на градот Скопје), се доделени 35 решенија за привремено одземање возила, а направени се и голем број записници каде што се санкционираат такси превозници – велат од градот Скопје.
Вршењето редовни контроли, санкционирање и одземање автомобили од страна на инспекторите очигледно не го решава проблемот со дивите таксисти. Затоа се потребни поголеми напори и поголема инволвираност од властите, да се почитуваат законските одредби и да се воведат нови, кои ќе овозможат побрзо решавање на овој проблем. Ако се реши овој проблем, ќе имаме од 20 до 22 тона помалку согорување на горивата и ќе имаме од 1.500 до 2.000 нови вработувања – додава Сашо Рајчановски.
Како се препознаваат и проверуваат легалните автотакси-возила во други земји?
Во одредени градови се создаваат системи што содржат база на лиценцирани таксисти. Овие бази од податоци со таксистите се достапни за јавноста. Еден од нив претставува градот Даблин. Луѓето таму можат на неколку начини да проверат дали одредено такси-возило е лиценцирано. За да се дознае дали такси-возачот или такси-компанијата се правилно лиценцирани, постојат неколку начини.
Сите возачи треба да имаат изложено такси-возачка картичка на командната табла. Кога ќе се влезе во таксито, картичката исто така мора да биде видлива. Бројот на таа картичка е бројот на лиценцата за возачот. Почнува со буква, проследена со 4-5 цифри. Пример: Ф9261. Оваа комбинација може да се провери во системот така што се внесува во полето за лиценца на возачот и се проверува дали постои. Откако ќе се внесе валиден број за лиценца за одреден возач, системот прикажува слика од него, бројот на неговата лиценца, името на возачот, регион во кој може да се користи лиценцата, статус на лиценцата и датум на истекување на лиценцата.
Освен преку лиценцата на таксистот, може да се провери и преку лиценцираниот број на такси-возилото. Сите таксија имаат број на покривот на возилото. Тој број на покривот е бројот на лиценцата на самото такси-возило. Внесувањето на бројот на лиценцата за такси-возилото во системот исто така е можно. Откако ќе внесе важечки број на такси-возило, системот дава повратни информации, како бројот на лиценцата, типот на лиценцата, статусот на лиценцата, датумот на истекување на лиценцата, бројот на регистрацијата на возилото и името на носителот на лиценцата.
Проверка може да се направи и преку регистарскиот број на возилото. Внесувањето на регистарскиот бројот на возилото во системот овозможува ист пристап на информациите. Откако ќе се внесе важечки регистарски број на возило, системот дава повратни информации за лиценцата, типот на лиценцата, статусот на лиценцата, датумот на истекување на лиценцата, бројот за регистрација на возилото и името на носителот на лиценцата.