Екипа на „Нова Македонија“ изминатата недела теренски го опипа пулсот на такси-превозот во Скопје. Заклучокот е застрашувачки. Во градот има огромен број инфилтрирани нелегални таксисти помеѓу оние легалните, кои се со цени што буквално, што би рекле старите, „бричат“. Ако од Чаир до Центар се плаќа околу 150 денари, кога наивно ќе нагазите на ваков див таксист, паричникот ќе ви биде полесен за 100-150 денари плус, или околу 250-300 денари
ГОРЧЛИВИ ПРОБЛЕМИ СО ТАКСИ-ПРЕВОЗОТ ВО СКОПЈЕ
Изминатиот период Скопје мака мачи со такси-превоз. Иако навидум изгледа дека такси има речиси на секој чекор, сепак, кога граѓаните ќе се обидат да повикаат такси до домашната адреса, речиси никогаш не можат да пронајдат. Одговорот од диспечерот најчесто е: „Извинете, немаме слободно возило“. Меѓутоа, за жал, тоа и не е единствениот проблем на граѓаните. Под закрилата на таблите од компании регистрирани да вршат превоз честопати се кријат диви таксисти, кои дебело ги крпат паричниците на граѓаните, бидејќи наплатуваат дупло од оние таксисти што работат по утврдениот ценовник од страна на Град Скопје.
НЕДОСТИГААТ ТАКСИ-ВОЗИЛА
Животот во една метропола како што е Скопје, во буквална смисла, станува сѐ потежок. За најобичен такси-превоз, граѓаните буквално губат нерви и, како што велат, кога ќе добијат такси возило што ќе дојде да ги земе од дома, се чувствуваат како да добиле на лото. Граѓаните велат дека не е нормално во град од речиси 600 илјади жители, ако не и повеќе, да постои ваков проблем.
– Во неколку наврати брзав детето да го однесам на лекар. Се јавив во неколку такси-компании, чие седиште со сигурност знам дека е од овој реон, но немаше слободно ниту едно возило. Јас сум од Чаир, во близината на такси-станицата во Бутел 2. Ѕвонам во компанија чии такси-возила знам дека стојат на станицата, но бидејќи детето ми е мало, не можам да одам дотаму, ѕвонам за да ме земат од пред врата. Ниту од таму ниту од друга такси-компанија немаше слободно возило – вели Надица Стојановска.
И за жал, според тврдењата на граѓаните, ова не е единствениот проблем само во овој дел од градот. Такси нема ниту во Центар, ниту во другите делови.
– Бев на забар во близината на Универзална сала, на повик не дојде ниту едно возило, па одев пеш дури до крстосницата во близината на Соборниот храм, каде што има такси-станица. Ајде, недостигот од возила му го припишував на врнежливото време, но, сепак, на толкав град да не може човек да најде такси половина час, навистина не е нормално. Со автобус не можев да се возам затоа што е побавно патувањето, а мене дома ме чека бебе на кое сум му потребна – вели Гордана Милошевска.
МНОГУ НЕЛЕГАЛНИ ТАКСИСТИ
Кога малку би се обиделе да истражите што точно се случува со такси-превозот, веднаш ќе ви стане јасно дека проблемот е уште поголем и дури навлезен во порите на овој вид превоз во метрополата.
Буквално врие од диви таксисти на секој чекор, и тоа добро затскриени, обележани, обоени со жолта боја, а на покривот носат табла од некоја од регистрираните компании што имаат лиценци за вршење такси-превоз.
Екипа на „Нова Македонија“ изминатата недела теренски го опипа пулсот на такси-превозот во Скопје. Заклучокот е застрашувачки. Во градот има огромен број инфилтрирани таксисти помеѓу оние легалните, со цени буквално што, како што би рекле старите, „бричат“. Ако од Чаир до Центар се плаќа околу 150 денари, кога наивно ќе нагазите на ваков див таксист, ќе се олесните 100-150 денари плус, или околу 250 -300 денари.
Кога јас, како дел од истражувањето, го прашав таксистот дали ќе ми даде фискална сметка, бидејќи и јас мислев дека влегувам во лиценцирано такси-возило, возачот ми го даде следниот одговор: „Девојче, се борам за пензија и леб. Не сум лиценциран, не сум дел од ниту една такси-компанија. Мора да се бориме за да преживееме.“
Кога го прашав како тогаш вози под таблата на компанијата за која сите знаеме дека сѐ уште одлично функционира во градот, добив одговор дека така „лови“ повеќе патници, бидејќи граѓаните сѐ повеќе сакаат да се возат со легални такси-возила, кои работат по сите европски и светски стандарди и прописи.
Многу голем проблем е и крајната непрофесионалност на некои возачи во такси-возилата, па дури и на оние што возат под името на реномираните компании.
Па, така, ќе наидете на возачи што целиот пат додека ве возат зборуваат со блиски пријатели и роднини на телефон, послужувајќи ви ги сите приватни проблеми со кои се соочуваат. Секако, сето тоа дополнително зачинето со мирисот на цигара, која возачот нервозно ја пуши објаснувајќи ги своите приватни проблеми.
Во обид да дознаеме повеќе за проблемот околу недоаѓањето на такси-возила на повик, голем дел таксисти велат дека немаат сметка да го прават тоа со поскапувањето на горивото.
– Повеќе ни се исплати да му застанеме среде улица на некој патник, отколку да одиме на повик. Нам одењето до домашна адреса не ни се плаќа, туку таксиметарот отчукува кога возиме патник. Не ни е економично да го трошиме горивото – ни раскажа еден такси-возач.
ГРАДОТ „ГИ ЛОВИ“ ДИВИТЕ ТАКСИСТИ
Во однос на тоа како се справуваат градските власти со проблемот со дивите таксисти, надлежните велат дека нивните инспектори се постојано на терен.
– Во однос на сузбивањето на т.н. диви таксисти, инспекторите за патен сообраќај на Град Скопје вршат редовни контроли и инспекции за тоа дали такси-превозниците се придржуваат до одредбите и правилата во согласност со одлуката за автотакси-превоз на патници на подрачјето на градот Скопје. Во изминатите две недели (од почетокот на месецот до 14 октомври), казнети се и одземени им се возилата на 12 диви превозници – велат од Градот.
МАЛКУ ТРЕБА ЗА ТРАЈНО ДА СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ
Според претседателот на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски, најголемиот проблем во автотакси-превозот се дивите таксисти, односно нелојалната конкуренција, бидејќи има голем број диви таксисти со нелиценцирани возила, без фискални таксиметри, непријавени такси-возачи, пензионери такси-возачи итн.
– Многу малку треба за трајно да се реши проблемот во автотакси-превозот. Имаме закони, правилници, одлуки што го регулираат автотакси-превозот, доволно е само да се спроведат, а со нивното спроведување ќе се намали бројот на такси-возилата во градот (ќе се намали и загадувањето од издувните гасови), а ќе има брзо вработување на најмалку 1.000-1.500 такси-возачи што сега не се пријавуваат, бидејќи никој не ги контролира. Има повеќе од 3.000 таксисти во градот, а во Агенцијата за вработување се пријавени како вработени само околу 400 такси-возачи – потенцира тој.
Според Рајчановски, сегашнава цена-тарифа на фискалните таксиметри е стара десетина години и е 40 ден. старт, 25 ден. изминат еден километар и 300 ден. чекање еден час.
– Со последното зголемување на цената на горивата нема да има зголемување на цената во автотакси-превозот во Град Скопје, бидејќи досега ниту една такси-компанија нема доставено барање за зголемување на цената на такси-превозот. Единствено е забележливо дека има такси-компании што го намалија процентот на попустот, а некои и го укинаа попустот, така што сѐ е во рамките на цената, односно тарифата што ја имаме многу години – потенцира тој.