Општината Аеродром во соработка со градот Скопје и јавните претпријатија, денеска организираа голема акција за чистење на целата територија на Аеродром. Акцијата опфаќаше метење и миење на улиците, кастрење на гранките, косење на тревата како и чистење на дивите депонии на територијата на општината.
– Во работната акција се вклучени 80 работници, општинската администрација и доброволци граѓани на општината Аеродром. Чистењето ќе се одвива од Железничка станица, па до населбата Ново Лисиче – велат од општината Аеродром.
Во рамките на оваа акција, во соработка со јавното претпријатие „Комунална хигиена“, ќе бидат поставени и контејнери за собирање кабаст отпад на следните локации: улица Коста Новаковиќ број 29 во Стар Аеродром, булевар Јане Сандански број 72 зад ТЦ „Бисер“ и улица Димитар Туриманџовски спроти амбулантата во населбата Лисиче. Од општината Аеродром апелираат до граѓаните совесно да се однесуваат со отпадот и правилно да го селектираат на соодветните места.