Град Скопје ги информира граѓаните дека поради изведување на градежни работи на дел од булеварот „Партизански одреди“, утре ќе се воведе привремен сообраќаен режим.
Поради нанесување на завршен асфалтен слој на дел од трасата на булеварот „Партизански одреди“ од мостот „Обединети Нации“ до улицата „Московска“, целосно за сообраќај ќе биде затворен делот од булеварот од кружниот тек кај Порта Влае до крстосницата со улица „Московска“ (кај ТЦ Сити мол), во правец на движење од Ѓорче Петров кон Центар. По трасата во спротивниот правец сообраќајот ќе се одвива непречено.
Времениот режим ќе се реализира доколку тоа го дозволат временските услови за извршување на асфалтирањето, а истото ќе биде во сила до завршување на градежните активности.
За време на привремениот режим, автобусите на ЈСП кои сообраќаа по овој дел од булеварот „Партизански одреди“, ќе се пренасочат преку улицата „Адолф Циборовски“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, а ќе се вратат на нормалната траса преку улицата „Московска“.
Асфалтирањето се врши во рамките на проектот за реконструкцијата на коловозот на дел од булеварот Партизански одреди, на потегот од крстосницата со булеварот 8-ми Септември до мостот „Обединети нации“, на должина од два километри.
Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до времениот режим на сообраќај. Истовремено, од Град Скопје ги замолуваат сите учесници во сообраќајот за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во овој дел на градот.