Насмевки на лицата на посетителите и учесниците на петтата по ред дедомразовка трка што се одржа во Скопје, која прераснува во традиција.
Учествуваа голем број дедомразовци, но и бабамразици и млади кои се радуваа да бидат дел од натпреварот за време на божиќните празници.
За многумина од учесниците ова е првпат да учествуваат во оваа трка. Натпреварувачите пред самата трка се загреваа со фитнес инструктор во ритамот на музиката. Покрај учесници од нашата земја, имаше и странци кои зедоа учество.
– Трчаме во име на пријателството помеѓу нашите две земји Јапонија и Македонија. Веруваме во божиќниот дух. Во Јапонија немаме вакви случувања, па тоа беше поттик да бидеме дел од нешто поразлично – изјави Таканобу Нарита во име неговата мала група кои беа дојдени да трчаат на трката.
Победниците беа поделени во две категории, машка категорија и женска.
Во женската категорија, третото место го освои Марија Богдановска, второто место го освои Бојана Наумовска, а првото место Рената Соколовска.
Во категоријата за мажи, третото место го освои Филип Стојановски, второто Стојче Петровски а победник во категоријата мажи е Никола Таневски.
– Чувството по победата е одлично, втор пат учествувам на трката на дедомразовци, лани го освоив третото место. Супер се чувствувам и се надевам дека ќе учествувам повторно и во иднина – изјави Никола по победата на трката на дедомразовци во категоријата мажи.
На трката за дедомразовци оваа година учествуваа околу 400 натпреварувачи, а покрај наградите во машка и женска категорија беа доделени пакетчиња за најмладите учесници.