На левата страна на кејот на реката Вардар, од страната на општината Гази Баба, во понеделникот вечер глутница кучиња нападнале девојка и ја искасале. Луѓето што излегле да се рекреираат од другата страна на реката, од страната на општината Аеродром, гледале што се случува, но не можеле да помогнат, да притрчаат и да ги растераат бездомните животни оттаму, бидејќи токму во тој дел нема мост.
Очевидците на тоа случување биле престрашени од она што го виделе. Велат дека нема човек што не би останал без здив да се најде во таква беспомошна ситуација, а не можат ни да претпостават низ каков хорор поминала нападнатата девојка. Случката се одвивала околу 22 часот, но темнината на кејот од таа страна можеби е само причина повеќе зошто девојката не ги видела уличните кучиња, кои во многу случаи, пак, знаат да нападнат и среде бел ден. За настанот ни потврдија и од скопската полиција, од каде што посочија дека девојката, освен што била касната на едната нога, имала повреди и на едната рака.
– На 9.6.2020, во 1.20 часот, во полициската станица во Гази Баба, И.Д. (50) од Скопје пријавила дека на 8.6.2020, околу 22.30 часот на кејот на реката Вардар нејзината 17-годишна ќерка била нападната од кучиња скитници, од кои две ја каснале во пределот на левата потколеница и ја турнале на земја, при што добила и повреди на раката. Потоа се упатила во градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош – информираат од полицијата.
Кејот од страната на Гази Баба е морничаво место и на дневна светлина, а не пак штом ќе падне мрак, бидејќи не е осветлен. „Нова Македонија“ неодамна пишуваше за двете лица на кејот на Вардар, каде што кажавме дека се разликуваат како ден и ноќ, зашто едниот е осветлен и граѓаните го користат, а другиот е темен и неуреден со години.