Замислете објект зафатен од пожар каде што не функционира една од мерките за гаснење пожар, а тоа е нефункционирање на хидрантската мрежа. Доколку се излезе на терен, во 90 проценти од станбените згради не функционира хидрантскиот систем, недостигаат црева, нема млазници, дури и рачките од вентилите се извадени, вели Трајче Кметовски, помошник-командант за развој во противпожарната бригада во Скопје
Драстично отежната борбата на пожарникарите со пожарите во главниот град
Неисправните хидранти во станбените згради се најчестиот проблем со кој се соочуваат пожарникарите кога ќе добијат повик за гаснење пожар во стан во зграда. Многумина од хидрантите се нефункционални, непроверени со години, со недостиг од делови, искинати црева… Пожарникарите велат дека сето тоа им предизвикува проблеми затоа што со исправни хидранти секој станар би можел да реагира додека да пристигне пожарната, па дури додека пожарот е на почеток, целосно да го изгасне. За нефункционалноста на хидрантите, граѓаните, односно станарите плаќаат високи цени, понекогаш дури и со живот.
Во старите згради, кои во градот ги има во голем број, или нема никакви хидранти, односно истите тие се откорнати и на ѕидовите може да се види само белег дека некогаш на таа локација имало хидрант, или, пак, ги има, но истите тие се во евидентно катастрофална состојба, затоа што дури и лаик што не знае ништо за нив може да констатира дека се целосно во неисправна состојба
.Некои од граѓаните велат дека никогаш не се ни сетиле да погледнат дали во зградата каде што живеат воопшто има хидрант. Велат дека најчесто тие служат како полици за саксии со цвеќе, за оставање сметки што никој не ги зема, но и за огласи на разни нелегални бизнисмени.
– Живеам во зграда во Чаир. Зградата е стара, ни самата не знам колку години. Има метална кутија од хидрант, но ништо друго нема. Откога знам за себе не сум видела дали воопшто во нашата зграда има функционален хидрант. Сега кога ми го посочивте прашањето, дури и се замислив. Навистина со исправни хидранти секој би можел да реагира навремено доколку ненадејно избие пожар. Барем додека да пристигнат екипите на противпожарната бригада, станарите би можеле да спречат огромни катастрофи – вели Душанка, жителка во зграда во Чаир.
Сепак, во новоизградените згради во метрополата се почитуваат сите вакви прописи. Во секоја нова зграда, на секој кат има хидранти, но прашање на време е кога истите тие ќе станат нефункционални. Пожарникарите велат дека хидрантите се од огромна важност за спречување на ширењето на пожарите.
– Замислете објект зафатен од пожар каде што не функционира една од мерките за гаснење пожар, а тоа е нефункционирање на хидрантската мрежа. Доколку се излезе на терен, во 90 проценти од станбените згради не функционира хидрантскиот систем, недостигаат црева, нема млазници, дури и рачките од вентилите се извадени – вели Трајче Кметовски, помошник-командант за развој во противпожарната бригада во Скопје.
За пожарникарите тоа е најголемиот проблем во зградите. Велат дека додека да го добијат повикот за пожар, па додека да пристигнат се потребни минимум петнаесетина минути, кои во случај на пожар кога секунди се бројат се доволни пожарот да се префрли и на соседните станови.
– Затоа е важна исправноста на хидрантите. Човечкиот фактор, со непочитување на превентивните мерки што се строго пропишани со закон, лошото одржување на системите за откривање пожари, дојава и гаснење, нередовниот инспекциски надзор врз спроведените мерки, како и неспроведувањето казнени мерки пропишани со закон, се најчестите причини за избивањето, но и за неуспешното превенирање на пожарите во станбените објекти – нагласува Трајче Кметовски.
Тој истакнува дека доколку при пожар функционира хидрантскиот приклучок, малку поприсебен станар ќе успее да го локализира секој почетен пожар.
Од некои од општините со кои контактиравме велат дека одговорни за исправноста на хидрантската мрежа се заедниците на станари, односно фирмите што се одговорни за управувањето со зградите.
– Општинските инспектори за домување вршат увид на хидрантите во зградите, единствено по пријава од странки само доколку хидрантот е блокиран (не може да му се пристапи) и ако истиот тој е надвор од употреба. Редовен инспекциски надзор за исправност на хидрантите по фирми или по колективни станбени објекти имаат право да вршат само републички овластени инспектори, кои се вработени во Дирекцијата за заштита и спасување. Инаку, заедницата на станари, меѓу другото, е задолжена за безбедноста на својот објект (одржување на хидрантската мрежа), при што, во случај на неисправност на хидрантите, тие повикуваат лиценцирана фирма со таква дејност, која одговара за поправката, сервисирањето и натамошната исправност на хидрантите – информираат од Општина Карпош.
И од Општина Центар велат дека одговорноста за исправноста на хидрантите е на фирмите за домување.
– За одржување на хидрантите во станбените единици на територијата на Општина Центар, одговорни се фирмите за домување и управителот за вршење на дејностите на управувањето, врз основа на одлука на собир на сопственици – велат од Центар.
Оттаму додаваат дека секој што има податоци за неисправност и нефункционалност на хидрантите во станбените згради на територијата на Општина Центар треба да испрати податоци и информации во Општината, за инспекторите за домување веднаш да интервенираат на терен.