„Движи се за здравје“ е мотото на манифестацијата што ќе се одржува од 16 до 22 септември, а во рамките на Европската недела на движењето. Настанот го организира спортскиот оддел при Детскиот културен центар „Карпош“, во соработка и со поддршка од градот Скопје. Од МКЦ информираат дека манифестацијата во Скопје ќе се одржи петти пат, а централниот настан е на 17 септември, со почеток во 10 часот, на платото пред фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк.
– Целта на оваа манифестација е да се потсетиме кога вежбањето беше забавно. Тоа може повторно да биде така доколку ни се придружите нам и на милион други низ Европа на Неделата на движењето. Во текот на целата недела на движењето ќе ја откриете чистата забава во трчањето, скокањето, качувањето и танцувањето додека сите сме активни заедно – порачуваат од ДКЦ „Карпош“
Манифестацијата е од забавно-рекреативен карактер и подразбира вежби за подобрување на моторичкиот развој кај децата од рана предучилишна возраст. Од секоја градинка од Скопје и околината ќе учествуваат по пет момчиња и пет девојчиња од најголемата група, а на настанот ќе има и вежби со велосипед или тротинет.