Улицата Максим Горки вчера си ги доби назад ветените 18 нови стебла јапонски цреши, на местото на оние што во петокот беа исечени, затоа што беа болни. На садењето на новите садници вчера присуствуваше и градоначалникот Петре Шилегов, а градот и официјално ги покани медиумите да присуствуваат на чинот на садењето на новите фиданки, веројатно да докаже дека си го исполни ветувањето што го даде во петокот. Сечењето на јапонските цреши ги крена на нозе скопјани, кои за стореното имаа лавина реакции и коментари по социјалните мрежи. Сечењето на овие украсни дрвја не го одобруваа многумина од нив, а некои искоментираа дека да се исече цел дрворед е рамно на злосторство.
Многумина веднаш изразија сомнеж дека дрвцата се исечени затоа што биле болни. Најголем број и не веруваа во тоа дека биле заболени и сметаа дека зад сечењето на јапонските цреши се крие сосема нешто друго. Но, како што веќе беше обелоденето, јапонските цреши беа заразени од габична инфекција, која стигнала и до стеблата, па затоа дрвцата не можеле да се спасат. Јапонските цреши на Максим Горки беа посадени во 2000 година, а габичната инфекција била констатирана уште во 2017 година, па по две години боледување, веројатно и лекување, дрвцата мораше да се простат од животот. Сега се поставува прашање не е ли контаминирана земјата од заразата на претходните и дали тоа може да им наштети на новите садници, кои се донација на Европската банка за обнова и развој.
Да се надеваме дека овие ќе останат здрави и со своите преубави цветови секоја пролет ќе ја красат улицата наредните триесетина години, колку што им се дава живот. Јапонски цреши ќе бидат засадени и во друг дел од градов, со акцијата за негово зазеленување, но она што е најважно е тие да останат здрави.