Карикатура: Игор Калц

Отвореното граѓанско писмо за вклучување на армијата и полицијата во борбата со загадувањето предизвика жестока дискусија дали состојбата е на праг на прогласување вонредна состојба или во најмала рака на елемeнтарна непогода. Дали имало слични примери во други земји или, пак, нема? Институциите кај нас смируваат и сѐ уште не се изјаснуваат во врска со упатеното отворено писмо на граѓанските организации, кои бараат ноќни патроли на сите жешки точки каде што се пали сѐ и сешто

Дали загадувањето е на прагот на прогласување вонредна состојба?

Здружените граѓански организации и иницијативи во отворено писмо веќе побараа од претседателот Стево Пендаровски и од премиерот Зоран Заев активирање на припадниците на армијата и полицијата во борбата за почист воздух. Прашањето за загадувањето први го отворија од невладината „О2 иницијатива“, кои имаа остра реакција насловена „Живееме во отровна зона“.
Вчера немаше никаков официјален одговор на прашањето што ќе преземат во врска со ова писмо првите луѓе во државава. Побаравме одговори и од градот Скопје и од МВР, како би се вклучила полицијата, но вчера не се огласи никој од овие институции. Но затоа, пак, премиерот Зоран Заев се јави со фејсбук-статус во кој напиша: „Загадувањето на воздухот е огромен проблем за кој имаме обврска да ги ангажираме сите расположливи капацитети во општеството.

Изминатава недела се соочуваме со нови подметнати пожари, кои дополнително ја отежнуваат ситуацијата. Затоа им дадов насока на министрите Оливер Спасовски и Насер Нуредини итно да ги повикаат сите надлежни инспектори на состанок во Владата. Очекувам да се засилат сите контроли и сите надлежни да бидат постојано на терен за да се откријат и соодветно казнат оние што го загрозуваат нашето здравје“, напиша Заев.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Деновиве Скопје се искачи на високото трето место на листата на најзагадени градови, па токму овој податок ги алармира граѓанските организации да се здружат заедно и со сета сериозност да бараат од надлежните да се најде решение за проблемот, па, ако е потребно, да се вклучат и полицијата и војската. Сето ова предизвика и жестока дискусија помеѓу граѓаните дали состојбата е на прагот на елементарна непогода или, пак, можеби реакцијата е претерана. Дали излегувањето на полицијата и војската на терен во борбата со загадениот воздух било пример и во некои други земји или, пак, сличен пример нема. Но институциите не се изјаснуваат во врска со упатеното отворено писмо во кое бараат припадници на армијата и полицијата во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување.

Се настојува регионалните центри за управување со кризи, општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторатот на градот Скопје и инспекторатите на општините активно да се вклучат со ноќни патроли, за спречување и превенција од палење на сѐ и сешто. Невладините побараа и ноќни дежурства со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за Заштита и спасување на критичните точки во Скопје и низ земјата, кои се лоцирани како најфреквентни места на кои се регистрираат пожари.

Во врска со барањето на невладините организации, уставни експерти велат дека само Собранието прогласува вонредна состојба. За актуелнава состојба со загадениот воздух по предлог на пратеници може да се отвори јавна расправа, во која, секако, може да се вклучи и јавното мислење. Може да се дебатира, а потоа и да се донесе одлука, за сето ова правно да се формулира. Важно е да се почитува Уставот, но армијата не треба да се меша со полицијата.

Професорката Билјана Ванковска во фејсбук-статус пишува: „Иако силно ја поддржувам секоја иницијатива за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, ова барање го сметам за неразумно. Можеби е моја професионална деформација (сомнеж кон секој што има моќ, а особено оние што имаат право да употребат насилство), но не можам да се сетам на друг пример граѓаните сами да бараат човековите права да им ги бранат полицајци и војска! Обично, во демократските општества барањата се тие да се држат надвор од сферата на човековите права и од политиката. Вакви заложби, да потсетам, искажаа и претседателските кандидати за време на кампањата, ама јас и тогаш кажав дека апсолутно не се согласувам со секуритизација на проблемите поврзани со екологијата. Впрочем, како да бараш заштита на здравјето и воздухот од некој што и самиот е вклучен во неговото загрозување? (Што мислите дека се случува во Криволак или во Авганистан? Да не садат цвеќиња? Воените операции и интервенции се дел од оние што ја уништуваат човековата средина)“.

Зелената партија ДОМ бара од државниот, градскиот и општинските инспекторати засилени инспекциски контроли и санкционирање на загадувачите. Тоа ќе овозможи намалување на аерозагадувањето и заштита на здравјето на граѓаните.
По наше барање за став по идејата на граѓанските организации да се вклучат и други институции, се огласија од ЦУК.

– Центарот за управување со кризи нема сопствени материјално-технички ресурси што може да се стават на располагање во битката со загадувањето на воздухот. Како институција сме вклучени во меѓуресорската работна група што ја водат Министерството за животна средина и Министерството за здравство. Сите насоки и препораки од таа работна група преку нашите регионални центри се доставени до единиците на локалната самоуправа и граѓаните. За вклучување на армијата и полицијата си постојат посебни процедури – ни одговори м-р Марија Милкова од Центарот за управување со кризи.

Од Министерството за животна средина повторно одговорија дека континуирано преземаат мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Промените на законската регулатива ќе придонесат кон дефинирање на мерките на локално ниво. Со воведување на граничните вредности за малите капацитети и воведување на субвенциите за промена на горивата ќе се намалат емисиите од административните и малите индустриски капацитети. Со одвојувањето на буџетските средства од страна на Владата за програмата за намалување на загадувањето на воздухот се обезбеди спроведувањето само на дел од дефинираните мерки од планските документи. Повторно акцентираат дека проблемот со загадувањето на воздухот е комплексен, дека не се решава прекуноќ.

Официјалните институции сметаат дека најголемиот дел од загадувањето, односно 57 отсто, е од греењето на домаќинствата, а 25 отсто од автомобилите и тешката индустрија. Но некои од активистите ги посочуваат и несанкционирањето на индустриските загадувачи, кои не инвестираат во филтри и заштита, термоцентралите што работат на јаглен и неинвестирањето во извори на електрична и топлинска енергија што не се толку штетни за животната средина, како и честите пожари на дивите депонии. Исто така се споменуваат долготрајната суша и активните планински пожари во невообичаен период од годината, палењето стрништа, непланската сеча на шумите и недоволното пошумување. Тука е вклучено и користењето застарени превозни средства во сообраќајот, како и загревањето на сиромашните домаќинства со дрвни деривати што содржат хемикалии, па дури и со гума и пластика.


Какви отрови дишеме?

Според Трајче Стафилов, професор од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, согорувањето цврсти материи вообичаено доведува до емисија на загадувачи како цврсти честички, азотни оксиди, сулфурни оксиди, јаглерод моноксид како и испарливиоргански соединенија.
– Неконтролираното горење јаглен и нафта е извор на загадување со цврсти честици и јаглерод диоксид, сулфур диоксид и азотен диоксид.
Сепак, неконтролираното согорување на овие горива доведува и до еми­сија на токсични органски хемиски соединенија, кои не се следат со нашиот мониторинг-систем. Во светот со мониторинг-системите се следат овие органски хемиски соединенија, тоа недостига кај нас. Освен согорувањето на биомасата и нафтата и нафтените деривати, и сообраќајот придонесува за нивно емитирање во воздухот. Како најкарактеристични примери на овие соединенија се оние од групата на полицикличните ароматични јаглеводороди. Нивната емисија е многу поголема доколку се горат от­пад, пластика или гуми – вели Стафилов.


Тужба против Владата за загадениот воздух

Адвокатското друштво „Апостолски“ иницира тужба против Владата на РМ поради загадениот воздух. Во соопштение до јавноста, друштвото информира дека тужбата е до Владата со овластено лице Зоран Заев, како претседател на Владата, а ќе биде доставена пред домашните судови и пред Европскиот суд за човекови права за повреда на правото на живот. Сево ова, стои во соопштението, e во согласност со членот 10 од Уставот на РМ и членот 2 од Европската конвенција за човекови права, правото на здравствена заштита гарантирано со членот 39 од Уставот на РМ и правото на здрава животна средина по членот 43 од Уставот на Република Македонија. Денеска во 12.59 часот тужбата ќе биде поднесена до Основниот граѓански суд во Скопје, од кога ќе се бара изрекување мерки против владини претставници, шефови, советници, координатори и други како намалување плата, забрана за користење службени возила, службени пари и друго. Друштвото ги повикува и граѓанските организации да се приклучат кон тужбата.