Идејата за поставување на дактилните патеки пред повеќе години во Скопје беше за поздравување, а реализацијата на неколкуте патеки во градов им го олесни движењето на лицата со оштетен вид. Така тие полесно можеа да се движат во Градскиот парк, каде што беше изградена една од патеките, потоа од паркот „Жена борец“ кон Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“, како и по онаа спроти Градежниот факултет. Слепите лица подоцна добија и дактилни патеки пред и во Железничката станица, со што добија и подобар пристап до неа. И наместо идејата за олеснување на движењето на овие наши сограѓани да се движи по нагорна линија и да се изградат уште нови дактилни патеки, состојбите на терен покажуваат дека и направеното веќе е уништено. Процената на оние што првичните патеки ги замислија да бидат направени од гумени подлоги веројатно беа погрешни. Од забот на времето или, пак, од лошата изведба гумените вдлабнати плочи толку се извиткани што сега претставуваат камен на сопнување не само за слепите, туку и за лицата со најдобар вид. Мала невнимателност и некој би можел да се повреди. Токму поради тоа надлежните мора бргу да реагираат и навреме или да ги заменат со нови од поквалитетен материјал или сосема да ги тргнат овие стариве, додека некој не настрадал.
Дактилните патеки вообичаено се со релјефни вдлабнатини или испакнатини, кои им помагаат на слепите сограѓани полесно да се движат со белиот стап, како нивно помагало. Но во случајов, тие им одмагаат наместо да им помагаат полесно да се движат без придружба низ градов. Лицата со оштетен вид имаат потреба и имаат право да добијат подобри услови за движење и пристап до важни објекти во градов. Дактилни патеки треба да има.