Црните смрдливи облаци од чад што доаѓаат од спротивниот брег на реката постојано ги бркаат рекреативците, спортистите и сите што сакаат да шетаат покрај кејот. Единствено нема каде да избегаат од своите домови луѓето што живеат во близината на седиштето на поглаварот на МПЦ во делот од Момин Поток
Секоја вечер облаци од чад, со непријатна миризба, ги задушуваат сите што рекреативно шетаат или спортуваат на брегот на реката Вардар, во делот каде што се наоѓаше градската плажа. Црните смрдливи облаци од чад што доаѓаат од спротивниот брег на реката постојано ги бркаат рекреативците, спортистите и сите што сакаат да шетаат покрај кејот. Единствено нема каде да избегаат од своите домови луѓето што живеат во близина на седиштето на поглаварот на МПЦ во делот од Момин Поток. Тие велат дека се староседелци тука речиси шест децении и сега спокојот им го нарушуваат Жителите од дивата населба, кои секоја вечер палат огнови. Во дивоизградената населба изградени се четириесетина куќарки и подигнати се шатори, а живеат околу двесте луѓе. Секоја вечер, велат, палат огнови и горат кабли и разни пластични и други материјали, од кои постојано се задушуваат и не смеат ниту да си седат во своите дворови ниту, пак, можат да отворат прозорци. Тамошните жители велат, им ги испокрале и каблите од уличното осветлување, за да го извадат она што им е потребно, а сега нивната осамена уличка е во темница. Не можат, велат, да заспијат ниту од чадот ниту од прегласната музика, па се случува да побараат помош и од полицијата. Но, еднократно ќе ги замолчат, велат локалците, а потоа наредната вечер чадот и музиката повторно им го нарушуваат мирот. Овие луѓе побарале помош и од општината Центар, а случајот со загадувањето на воздухот и чадот што го голтаат секој ден го пријавиле и кај градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Никој, велат, досега ништо не презел, а овие семејства постојано се прошируваат. За бегањето од чадот на кејот рекреативците пишуваа и на социјалните мрежи.
Од општината Центар, велат, поопсежно ќе ни одговорат дополнително, но објаснуваат дека со диво населените на кејот и претходно постапувале и тие повторно се враќале. Познато им е дека жителите од Момин Поток мака мачат со нив, но допрва ќе преземат соодветни чекори по поплаките на локалците. И од градот се со објаснување дека за проблемот ќе мораат поопсежно да ни одговорат дополнително.
Елена и Јово Велиновски, велат, во своите куќи живеат од 1959 година и тие се првите соседи до живеалиштето на поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан. Жителите од дивата населба велат, тука се цели 7 години и од нив немаат мир.
– Крадат струја од бандерите, а ги украдоа и сите кабли и светилки од уличното осветлување од нашава улица до стариот полигон за обука на возачи. Сега целиот тој потег е во темнина. Завчера во нашава шупа влегле и ни ги украле балончињата со вода, мислеле дека е ракија. Крадат од овошките во бавчите, ни крадат што ќе најдат и што ќе стигнат. Ни украдоа детски точак и навечер не смееме ништо да оставиме во дворот ниту, пак, можеме да седиме од облаците чад. И онака нарушеното здравје, уште толку ќе ни го нарушат со чадот што постојано го дишеме – вели Елена.
Таа додава дека ова население се занимава со собирање отпад и пластични шишиња и одлично се организирани. Им доаѓа камион за да им ги собере џамбо-вреќите со шишиња, а поседуваат и сопствени превозни средства, како мотори и слично. Некои од нив, вели, лично ги познава, им полнела вода, им давала стара облека и зимници, а потоа почнале да ја крадат. Вели, сите не се бескуќници, затоа што некои лично ѝ кажувале дека одат во Шутка да се искапат, а потоа пак се враќале во дивата населба. Добивале и помош во прехранбени производи, најверојатно од некои невладини организации.
– Лично му пратив порака на градоначалникот Шилегов, се пожалив дека голтаме чад секоја вечер и дишеме ПМ 10 и ПМ 2,5, ама не добив никаков одговор и уште нема никаква реакција. Досега никој ништо нема преземено, а постојано се доселуваат нови и се раѓаат нови жители во населбата. Има една свекрва близначиња, а и нејзината снаа сега роди близначиња. Добро се организирани и навистина чудно е и тоа што им доаѓа такси-возило. Но најчудно е што никој не одговара на нашите реакции. Лесно им е на тие што шетаат по кејот, ќе побегнат, ама ние немаме каде да бегаме од соседиве – на шега додава Јово.
Рекреативците на кејот велат често пати се одвраќаат од намерата да рекреираат во тој дел на Вардар.
– Со другарите рекреативно возевме велосипеди пополека и си разговаравме. Кога дојдовме до градската плажа, почнавме да се задушуваме од смрдливиот чад, па се вративме назад наместо да продолжиме – вели Тоше Илиев.
И многу други рекреативци поради густите облаци смрдлив чад ќе го избегнуваат тој дел од кејот, сѐ додека надлежните не преземат нешто и не ги тргнат диво населените оттаму. Веројатно ќе биде потребно да реагираат и други институции.