Главниот град веќе долго време има сериозни проблеми со јавните депонии. Еколошката свест на граѓаните е ниска, а доказ за тоа е константното појавување на купишта отпад на најразлични локации во градот. Јавните претпријатија и општинските служби често не се во можност самостојно да ги лоцираат овие новонастанати депонии, па тие долго време остануваат да ги нагрдуваат јавните простори.
Во изминатиот период, повеќе општини од градот Скопје иницираа и формираа најразлични концепти за пријавување депонии од страна на граѓаните преку социјалните мрежи, телефонски броеви и специјализирани вајбер-линии, но досега многу од овие иницијативи беа попусти.
Во оваа насока, од здружението на граѓани „Македонски центар за одржлив развој и конкурентност“ – Скопје (МЦОРК,), во рамките на сопствениот проект „Улогата на граѓанинот како директен учесник во подигнувањето на еколошката свест и заштитата на животната средина“ пред извесно време создадоа фејсбук-група во која може да се споделат фотографии и видеоклипови од диви депонии во градски средини. Целта е поттикнување на граѓаните да станат директни учесници во издигањето на еколошката свест, заштитата на животната средина и решавање на овој вид проблеми. Споделувањето на фотографиите и видеата, заедно со локацијата на депонијата, има цел таа навремено да се лоцира, за потоа соодветно да се реагира кај надлежните служби.
Од граѓанското здружение велат дека групата е релативно нова и официјално функционира околу еден месец. Но, сепак, таа привлекува многу внимание и кон неа се приклучуваат голем број граѓани и испраќаат видеоклипови и фотографии. Според информациите што ги добивме од МЦОРК, граѓаните имаат сериозни проблеми со депониите и редовно ги пријавуваат локациите каде што се создал куп од отпад. Генерално ја поддржуваат оваа иницијатива, но за во иднина се песимисти и сметаат дека депониите повторно ќе се појавуваат.
– Иницијативата е одлична и може да помогне многу во однос на собирањето на дивите депонии низ градот. Но, исто така сигурен сум и дека на исчистените локациите повторно ќе се појават вакви исти депонии, бидејќи на некои граѓани воопшто не им е гајле каде ќе го исфрлат својот смет – вели Стефан К. од Ѓорче Петров.
Од Македонскиот центар за одржлив развој велат дека граѓаните почнуваат редовно да пријавуваат депонии, а за овој период од околу еден месец, има десетина пријавени такви купишта отпад за кои тие како граѓанска организација поднеле претставки до општинските власти. Дополнително, оттаму сметаат дека со споделувањето позитивни примери од исчистени депонии и со секојдневното зголемување на групата со нови членови, ќе продолжи континуитетот на редовно пријавување депонии од страна на граѓаните, а со тоа би се подобрила еколошката ситуација во Скопје.
Фејсбук-групата е добро прифатена и од општините и од поголем дел од скопските градоначалници и локалните власти искажале желба и подготвеност за соработка со граѓанската организација. Конкретни примери за соработка има во скопските општини Ѓорче Петров, Карпош и Аеродром, каде што градоначалниците во изминатиот период лично се заложиле за брзо и ефикасно чистење на дивите депонии лоцирани од граѓаните и веднаш реагирале на терен.
Општо е познато дека еколошката свест во главниот град, но и во цела Македонија е на релативно ниско ниво. Одговорноста е поделена, односно и граѓаните и општинските служби имаат некаков вид одговорност при создавање и чистење на дивите депонии.
Позитивни примери се добредојдени и неопходно е граѓаните активно да учествуваат во решавање на еколошките проблеми во средината во која живеат. Големиот број кампањи, фејсбук-групи и многу други начини за кревање на еколошката свест би требало да му помогне на Скопје, за главниот град да изгледа онака како што му доликува.