Сопствениците на кучиња навистина се однесуваат одговорно кога станува збор за тоа колку пати во текот на денот треба да ги прошетаат своите миленици. Не се жалат дури и ако треба да станат рано наутро да го прават тоа, но повеќето од нив се неодговорни кога станува збор за уредното отстранување на изметот од својот миленик од јавните површини. Кучешкиот измет, за жал, сѐ уште останува дел од градските паркови, зеленила, улици, тротоари и дворови пред станбените згради.
Некои од сопствениците навистина не се грижат за нередот што го прават надвор нивните миленици, веројатно мислат дека е добро само тој неред да не им го прават дома. Многупати дури и на улицата Рузвелтова наутро не може да се пешачи по тротоарите од кучешки измет. Граѓаните со право коментираат дека градот е дом на сите и дека сите треба да се грижат за неговата хигиена. Ако ова се случуваше во Мадрид, властите веднаш ќе го најдеа и ќе го казнеа сопственикот. На пример, ако таму некој има куче мора да направи ДНА-тест за својот миленик. На таков начин ќе им се овозможи на властите преку изметот на кучето на утврдат на кој сопственик му припаѓа, а тој потоа ќе биде казнет со парична казна од 200 евра. И кај нас мора да се стави ред и треба дури и за кучешкиот измет неодговорните да се казнуваат. Законот за јавна чистота предвидува казна од 50 вера. И Законот за заштита и благосостојба на животните предвидува казна за сопствениците на кучиња, кои ги шетаат на јавно место без поводник и маска, а глобата изнесува од 100 до 400 евра.
– Не еднаш се случило лично да сум сведок како сопствениците го оставаат својот пес да врши нужда и потоа да не исчистат. Тоа е навистина грдо да се види, најмногу поради помислата дека во паркот играат деца. Секој ден при пешачење морам да одам со погледот надолу и да внимавам каде газам. Не знам кога сопствениците на кучиња ќе разберат дека поседувањето домашно милениче е одговорност – вели Дуле Стојановски од Козле.
Законот за јавна чистота за секој што ќе фрли каков било отпадок, во кој спаѓа и изметот на домашните миленичиња, предвидува казна од 50 евра. За жал, инспекциските служби или не се на терен или, пак, замижуваат пред оваа појава.
Дури и сопствениците на опасни кучиња имаат законска обврска да ги чуваат животните во заграден простор или тие треба да бидат врзани. Законот предвидува казна за неврзани кучиња, која е во висина од 30 евра. Доколку не се грижиме за нашиот миленик не станува збор само за неодговорност туку и за граѓанска некултура. Бездомните кучиња во суштина стануваат бездомни поради неодговорни сопственици. Ако граѓаните се одговорни, нема да има бездомни животни.