Интересот на граѓанските здруженија беше огромен, а учествуваа и голем број граѓани во јавната дебата за изградбата на гасоводот на Водно. Иако намерата беше да се расветлат многубројните дилеми и прашања за овој проект што се појавија во јавноста и предизвикаа загриженост кај граѓаните и кај здруженијата за заштита на средината, се чини дека и по нејзиното завршување секој си остана на своето. Граѓаните и натаму не го даваат Водно и бараат да се тргнат багерите од планината, а претставниците од власта, пак, го оправдуваа реализирањето на проектот. Наредна дебата најверојатно ќе има во Министерството за животна средина, а оваа ја организира градот и се емитуваше во живо.
Со свои аргументи дебатираа десетина граѓани и претставници од граѓанските здруженија и децидно побараа ревизија на проектната документација и промена на трасата на гасоводот. За проектот за изградба на гасоводна линија на Водно и за придобивките од процесот на гасификација зборуваа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за економија Крешник Бектеши, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули и директорот на МЕР, Бајрам Реџепи.
– Денеска сме тука да ги слушнеме аргументите на сите засегнати страни, на претставниците на институциите вклучени во процесот на изградбата на гасоводот, како и на претставниците на иницијативата „Го сакам Водно“. Нашите намери се транспарентни и немаме што да криеме од јавноста. Ги поканивме и сите институции што на кој било начин имаат надлежности поврзани со изведбата на оваа траса на Водно, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за просторно планирање, Државните инспекторати за градежништво и урбанизам и за животна средина, јавните претпријатија „Македонски шуми“ и „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, општината Сопиште, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комора на северозападна Македонија. Се надевам дека наскоро ќе присуствуваме на уште една дебата – рече завчера градоначалникот Шилегов, кој беше модератор на дебатата.