Уличните уметници преку графитите создаваат урбана супкултура - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Графитите се добредојдени на дозволените локации сѐ додека не се прави штета на јавните простори. Доколку се изложуваат надвор од нив, тогаш станува збор за вандалски чин, а не за креативно изразување

Според едно урбанистичко мислење, уличните графити претставуваат форма на визуелна комуникација и симбол или креативен чин на себеизразување. Според градските и општински власти, графитите се добредојдени на дозволените локации сѐ додека не се прави штета на јавните простори. Доколку се изложуваат надвор од нив, тогаш станува збор за вандалски чин, а не за креативно изразување. Граѓаните различно реагираат на графитите, но, секако, позитивно се изненадени од ишараните бетонски постаменти со графити што беа поставени низ градов. Никој, се разбира, не ги сака графитите што се појавуваат на новообоените фасади од станбените згради и за станарите тоа е само вандалски чин.

– Навистина пријатно бев изненадена од бетонските блокови со графити што ги забележав низ Скопје. Сметам дека е убаво да се види несекојдневно нешто, да има простор на кој младите уметници можат да се искажат. Но истото тоа не го одобрувам доколку целта е да се наштети. Пишувањето бесмислени пораки, навреди, па и естетски неубави графити на свежо обоените фасади, сметам дека не ни треба. Јас ваквите работи ги нарекувам чкрабаници – вели Марија Јанакиевска од скопската населба Кисела Вода.

И за многумина други беа освежување за градските тротоари новопоставените бетонски постаменти ишарани со графити од познати улични уметници. Ваквите несекојдневни и интересни идеи им се допаѓаат како на повозрасните така и на помладите. Градот доби некоја поинаква урбаната форма на креативното изразување. И градските власти немаат ништо против графитите доколку се прават на дозволени места.

– Градот Скопје и културните институции во негова надлежност работат на промоција и развој на урбаната култура, а графитите се дел од неа. Сепак, мора да се имаат предвид и локациите каде што оваа урбана култура може да се развива. Таа не смее да се прави на недозволени локации, што е казниво во согласност со законските норми. Во насока на развој на уличните уметности, градот Скопје во соработка со МКЦ и ГТЦ го реализира проектот „Градот убав“. Со овој проект на автобуската станица во ГТЦ беа претставени дела од уличната уметност, графити и мурали, во која учествуваа над 20 артисти со своите дела. „Градот убав“ е дел и од програмата „КреАрт“, која претставува мрежа на 14 партнерски градови и институции на европското културно богатство и разноликост. Целта беше промоција на меѓународниот креативен сектор, преку тренинзи, размени и изложби на визуелни артисти. Надвор од дозволените локации, законските норми забрануваат вакви активности и тие се казниви – велат од градот Скопје.

Од општината Карпош објаснуваат дека артистите што создаваат графити се, всушност, создавачи и на супкултурата и ги поддржуваат нивните активности ако се реализирани на дозволените места. Но не ги поддржуваат вулгарните пораки и говор на омраза, тоа за нив претставува вандалски чин.

– Секако дека има и злоупотреба на таквиот начин на изразување на одделни „графитери“ или „уметници во обид“, со вулгарни пораки и говор на омраза, и тоа навистина можеме да го вброиме во вандалски чин. Тоа најстрого го осудуваме. Општината Карпош секогаш го поддржувала и поздравувала ваквиот начин на изразување, на пример графитите под ГТЦ, поставувањето бетонски билборди на кои градските уметници и пишувачи на графити им даваат инспиративни содржини. Тоа е навистина слободен простор за анонимни и креативни сограѓани, најчесто млади, талентирани, а сѐ уште неафирмирани уметници. За таа цел, во Карпош, на плоштадот во Жданец, има и посебен простор оставен за слободно цртање графити. Секако, не мора и не смее секој „слободен простор“, особено по нови фасади, ненаменети за тоа, да се злоупотребува – велат од општината Карпош.


Слободното изразување може да ја развие или уништи урбаната уметност

Уличните уметници што се изразуваат преку графитите создаваат една урбана супкултура, која е дел од сите поголеми градови низ светот. Тие дури и креативно ги дополнуваат урбаниот амбиент и визуелноста на градот. Но во оваа супкултура некогаш се случуваат и злоупотреби и тоа, наместо да ја развие, може дури и да ја уништи оваа урбана уметност. Убав пример за ова е германскиот град Берлин.

Градовите низ светот секојдневно трошат значителни суми пари, отстранувајќи улична уметност и графити во име на чистотата. Исто така, повеќето градови имаат многу повисоки приоритети отколку отстранување графити. Кога станува збор за урбанистичко планирање и прифаќање на уличната уметност, успешна приказна претставува Берлин. Но ова прифаќање на супкултурата и креативното изразување на уметниците го остава градот со графити од секаков вид на поголемиот дел од јавниот простор.