Советниците на градот Скопје на вчерашната седница изгласаа основање ново акционерско друштво, кое ќе се занимава со енергетски дејности.
Со донесената одлука градот ја утврдува потребата од основање акционерско друштво за вршење на овие дејности за подрачјето на градот Скопје за снабдување со природен гас и со топлинска енергија, како дејности од јавен интерес и од локално значење. Иако одлуката едногласно беше донесена, на почетокот на седницата се разви бурна расправа дали воопшто предлогот да се најде на дневен ред, со оглед на тоа што не беше воопшто забележан во веќе утврдените точки за расправа. По неколку советнички консултации и по пауза, оваа предлог-одлука се најде како прва точка на дневниот ред, а потоа и едногласно беше изгласана од советот.
Основањето ново акционерско друштво, како што беше кажано, е за да се овозможи брзо и ефикасно приклучување на системот на централно греење и почнување на процесот на гасификација на градот и граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона да можат да почнат да ги користат услугите на новото претпријатие.
Според замислата, друштвото заради вршење на дејностите за снабдување со природен гас и со топлинска енергија ќе основа едно или повеќе трговски друштва на начин и во форма потребни за вршењето на дејностите во согласност со закон.Управувањето на друштвото ќе се организира според двостепениот систем на управување, преку управен и надзорен одбор. Работите од надлежност на Собранието на друштвото ќе ги врши Советот на градот Скопје, како единствен основач.
Со друштвото управува управниот одбор во рамките на овластувањата определени со Законот за трговски друштва, статутот и овластувањата што категорично му се дадени од Советот на градот Скопје. Управниот одбор се состои од 5 члена, кои ги именува надзорниот одбор, со мандат во траење од 4 години со право на повторен избор. Надзорниот одбор се состои од 3 члена, кои ги именува и разрешува Советот на градот Скопје, со мандат во траење од 4 години, со право на повторен избор.
Со оваа одлука се задолжува градоначалникот на градот Скопје, преку администрацијата на градот Скопје, да ги изработи статутот и другите потребни акти за основање акционерското друштво. Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.