Екипите на градот Скопје почнаа да поставуваат плочки со имињата на новородените деца на дрвјата по градските дрвореди. Зад Воениот стадион во Градскиот парк на кејот на реката Вардар беа поставени 20 плочки на новите дрвја што беа засадени во минатата акција за зазеленување на градот. Со ова поставување плочки со имиња на новороденчињата, официјално започна реализирање на проектот „Дрво за секое дете“. На плочките се запишуваат името на детето и датумот на раѓање.
– Денеска, заедно со родителите на пријавените дечиња, почна проектот „Дрво за секое дете“, кој го работиме заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ и гинеколошко-акушерските болници во Скопје. Во наредниот период уште 300 дрвја во градските дрвореди и паркови ќе добијат плочки со имиња на новородените деца во чија чест е засадено тоа дрво. Особено се радувам што овие деца ќе растат истовремено со дрвјата и ќе можат да го следат растот на своето дрво. Со тоа, на симболичен начин сакаме да создадеме врска меѓу градот и неговите сегашни и идни граѓани. Плочките се напишани на јазикот што ќе го одберат родителите. Нам ни е битно детето да се врзе за овој град – рече градоначалникот Петре Шилегов.
Тој ги повика идните родители да се пријавуваат во градот Скопје, да учествуваат во оваа благородна акција и да имаат свое дрво во главниот град.