Фото: Игор Бансколиев

Град Скопје нема да го толерира узурпирањето на јавниот простор од групи и поединци, простор што е наменет за слободно движење на граѓаните, и ќе продолжи да дејствува во насока на спречување на оваа појава, во согласност со своите законски надлежности и ингеренции, информираа градските власти

СЀ УШТЕ СЕ ПРОДАВААТ СЕЗОНСКИ ПРОИЗВОДИ ОД КАМИОНИ ПАРКИРАНИ НА ТРОТОАРИ

Нема толеранција за дивите продавачи што самоиницијативно узурпираат јавни површини, пешачки и велосипедски патеки, паркинзи и други јавни површини за да реализираат профит продавајќи овошје, зеленчук и други производи.
Градските власти неодамна спроведоа акција за ослободување на јавните површини на булеварот Трета македонска бригада, каде што дивите продавачи продаваа сезонски производи.
Факт е дека тие се борат да обезбедат парче леб, но начинот на кој се обидуваат да го направат тоа е погрешен. Узурпирајќи ги најчесто тротоарите и велосипедските патеки, тие директно влијаат на безбедноста на сообраќајот, бидејќи пешаците и велосипедистите нема каде да се движат, па се принудени да се симнуваат на сообраќајниците, каде што се загрозува нивниот живот.
Проблем не се само пешаците и велосипедистите. Отпадоците што остануваат од овие диви продавачи ја загадуваат животната средина, а многу често се случува овие лица да ги преполнуваат контејнерите, па ѓубрето на локалното население завршува околу нив.
За граѓаните, ваквите акции се потребни и пожелни затоа што само на тој начин ќе се реши долгогодишниот проблем со дивите продавачи.

– Не е фер некој да плаќа наем за тезга на пазар или за продавница, а друг да остварува чист профит продавајќи каде што сака. Секој треба да е свесен дека тоа не е начин да се оди на штета на другите. Дополнително е проблем што узурпираат површини по кои ние пешаците се движиме и не можеме од нив да поминеме на тротоарите, па мора да се симнуваме на улиците – вели Михајло Димовски.
Според возачите, ова е голем проблем, бидејќи кај дивите продавачи застануваат возила за да пазарат на места што не се предвидени за тоа.
– Цел сообраќај се закочува, а дополнително се ризикува и животот на сите учесници во сообраќајот. Непрописното запирање со возилата е најголемиот проблем. Не може секој да застанува каде ќе му текне за да си пазари. Прават метеж и застој, бидејќи не се почитуваат сообраќајните правила – вели Сузана Колевска.
За ваквото несовесно однесување најмногу реагираат мајките со мали деца што користат колички за своите деца.

– Замислете, наместо со количката да имам непречено движење, јас ризикувам да се спуштам на улицата за да можам да стигнам до саканата дестинација. И сето тоа затоа што некој одлучил токму на тоа место да си прави бизнис. Значи, јас го доведувам во ризик моето дете, бидејќи се симнувам да се движам на сообраќајница по која се вози 50 или 60 километри на час, а некој воопшто не се грижи за тоа – вели Маја Стојанова.
Инспекторатот на Град Скопје, во соработка со инспекциските служби на Државниот пазарен инспекторат и асистенција од МВР, со акцијата што неодамна ја спроведе го ослободи јавниот простор што беше узурпиран од дивите продавачи. За краток временски рок дивите продавачи беа расчистени, а јавниот простор ослободен за непречено движење на пешаците и на велосипедистите.

– Град Скопје нема да го толерира узурпирањето на јавниот простор од групи и поединци, простор што е наменет за слободно движење на граѓаните, и ќе продолжи да дејствува во насока на спречување на оваа појава, во согласност со своите законски надлежности и ингеренции – информираа градските власти.