Со посебна одлука на Владата во 2013 година, објектот СРЦ „Езеро Треска“ е во целосна надлежност и ингеренција на Општина Сарај. Ќе се донесе ДУП со кој езерото Треска ќе стане дел од проект за изградба на викенд-населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар
Не престануваат дискусиите за темата кому му припаѓа езерото Треска, на Градот или на Општина Сарај. Дебатата, за некои и спорот произлегуваат од таму што јасно се знае дека ова езеро или целиот спортско-рекреативен комплекс е изграден во далечната 1978 година со самопридонес на жителите на Скопје. Тие издвојувале од своите плати за да се изгради овој рекреативен центар, кој неколку лета беше вистинско место за освежување, но и главна летна атракција. Но скопјани многу одамна не се капат во ова езеро и не можат да го користат, бидејќи е затворено за капачи од 1998 година. Главна причина е тоа што водата е загадена и не ги задоволува пропишаните еколошки и санитарни стандарди, ниту потребниот квалитет. Од затворањето досега местото е комплетно руинирано. Повремено, и покрај предупредувањата дека водата е загадена и непрепорачлива за капење, некои го користеа, а имало и рибари што рибареле.
Град Скопје во неколку наврати правеше обиди да го врати езерото со сиот негов поранешен сјај, но не успеа во тоа. Сега многу од граѓаните се прашуваат кому му припаѓа езерото Треска, на Градот или на Општина Сарај, кој има право да стопанисува со овој урнисан спортско-рекреативен центар, за кој некогаш свои пари од џеб дале граѓаните. Дискусии на темава имаше и на социјалните мрежи.
– Со посебна одлука на Владата на РМ во 2013 година, објектот СРЦ „Езеро Треска“ е во целосна надлежност и ингеренција на Општина Сарај. Сепак, поради тоа што станува збор за рекреативен објект од витално значење за Скопје, Град Скопје е вклучен во активностите за негова ревитализација.
Во август минатата година на седница на Владата е усвоена информацијата врз основа на која се овозможува Општина Сарај да ја започне постапката за изградба на спортско-рекреативен центар во близината на селото Глумово, кој ќе го опфати и езерото Треска и кој вклучува изградба на викенд-населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на екотуризам – појаснуваат од Градот.
Општина Сарај веќе ја има започнато постапката за изградба на спортско-рекреативен центар и во моментов од локалната самоуправа ја финишираат последната верзија на ДУП и проектот по упатените забелешки од Министерството за транспорт и врски.
– Општина Сарај го доби езерото Треска на стопанисување со одлука на Владата пред неколку години и сега е имот на Општина Сарај и тука нема ништо спорно. Го приведуваме кон крај проектот за ревитализација и обновувањето на езерото и наскоро ќе ја имаме конечната верзија и на проектот и на ДУП по што за две недели ќе го доставиме до Министерството за транспорт и врски на повторно разгледување и се надеваме на одобрување, бидејќи и предходно беше испратен и вратен со одредени забелешки.
Штом ќе добиеме одобрување од Министерството за транспорт и врски, заедно со ДУП-от ќе треба да бидат разгледани на Советот. Штом ќе поминат сите правни процедури се надеваме кон крајот на летото ќе почнат и првите активности и ќе обелодениме што содржи проектот. Но секако идејата е да стане голем рекреативен центар за развој на туризмот, а исто така привлечен за граѓаните. Градот неколкупати се обидуваше да му го врати сјајот на езерото, но не успеа и затоа крајно време е тоа да го направиме ние како општина на чија територија се наоѓа езерото – вели Блерим Беџети, градоначалникот на Општина Сарај.
Езерото се протега на површина од 136.000 квадратни метри, длабоко е од 1,6 до три метри и има капацитет за 10.000 капачи.
ЈКП „Лиќени Треска“ – Сарај управува со езерото
На веб-страницата на Општина Сарај стои дека со езерото Треска управува јавното комунално претпријатие ,,Лиќени Треска“ – Сарај, формирано со акт на Советот на Општина Сарај.
– Претпријатието со одлука на Советот на Општина Сарај со бр. 07-393/1 од 26.12.2013 година е организирано како јавно претпријатие за стопанисување со спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ – Сарај. Претпријатието е правно лице, кое врши дејност од јавен интерес од областа на комуналните дејности. Јавното комунално претпријатие во рамките на својата дејност ги извршува овие задачи: управување со материјалните добра и природните ресурси што се наоѓаат во териториjата на рекреативниот центар „Езеро Треска“ – Сарај, б.б. Во задачите се спомнуваат неколку, како одржување и регулирање на зелените површини и рекреативните места на својата територија, собирање, обработка и дистрибуција на фекалните води, други деловни активности неспомнати на друго место, други услужни дејности неспомнати на друго место – пишува на општинската страница на Сарај.
На истата таа се наведува дека претпријатието има и свои органи, Управен одбор, Надзорен одбор за контрола на материјално-финансиското работење и директор.