Екипите на секторот Канализација при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, по најавените хидрометеоролошки прогнози за врнежи од поинтензивен карактер, излегоа на терен за расчистување и проверка на сливниците и на шахтите на територијата на градот Скопје, за непречено функционирање на атмосферската канализациска мрежа
ВОДОВОДНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЈА ИНТЕНЗИВИРА КОНТРОЛАТА НА ШАХТИТЕ
И НА СЛИВНИЦИТЕ
Периодот на интензивни и зачестени врнежи од дожд што го зафати главниот град, а кој е карактеристичен секогаш за овој период од годината, беше причина за надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ да ја динамизираат проверката на атмосферската канализациска мрежа, за да се спречи создавањето фонтани од шахтите низ улиците, но и поплавени коловози.
Таквата слика доста често во минатото предизвикуваше големи проблеми за граѓаните, и тоа не само за возачите туку и за пешаците и за велосипедистите, бидејќи низ поплавените улици ретко кој може лесно да се движи.
Граѓаните ја поздравуваат оваа акција на водоводното претпријатие. Велат дека само на тој начин ќе се спречат инциденти, како што е прскање пешаци, но и несреќи на велосипедистите, бидејќи честопати возењето по поголемо количество вода знае да предизвика излизгување на гумите на велосипедите.
– Најголем проблем е за нас што чекаме автобус или, пак, се движиме по тротоарите покрај сообраќајниците. Возачите, за жал, не внимаваат кога возат, па знаат со голема брзина да поминат низ насобраната вода и да нѐ испрскаат со вода. Ја поздравувам акцијата на претпријатието, бидејќи на тој начин нема да се собираат големи количества вода и таа непречено ќе истекува во шахтите – вели Слободан Мицевски.
Затнатата мрежа е голем проблем за надлежните, особено затоа што граѓаните честопати ѓубрето го фрлаат низ улиците, а при дожд тоа завршува во сливниците и канализацијата. На голем дел граѓани тоа им пречи, но велат дека сѐ додека не се поработи на културата не може многу да се стори.
– Да, канализацијата знае да биде полна со отпадоци, најчесто со пакувања од храна, кои се најчеста причина за затнатата канализациска мрежа, која наместо да ја собира водата, ја исфрла како фонтана. На тој начин имаме улици поплавени и полни со вода, по кои нема никакви шанси да се вози – вели Сузана Милошевска.
Од водоводното претпријатие велат дека по најавените врнежи од дожд, излегле на терен да ја проверат мрежата.
– Екипите на секторот Канализација при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, по најавените хидрометеоролошки прогнози за врнежи од поинтензивен карактер, излегоа на терен за расчистување и проверка на сливниците и на шахтите на територијата на градот Скопје, за непречено функционирање на атмосферската канализациска мрежа – информираа од претпријатието.