Град Скопје информира дека утре од 8.30 часот до петок до 8.30 часот, поради градежни активности за реконструкција на коловозот на булеварот Крсте Мисирков, целосно ќе биде затворена за сообраќај едната насока од булеварот и тоа од крстосницата со булевар Гоце Делчев кај Судска Палата кон клучката Бит-пазар.

Времениот сообраќаен режим ќе важи до завршување на градежните работи на овој потег, а се очекува за многу краток период, со нанесување на завршниот слој на асфалтот, да биде комплетирана реконструкцијата на булеварот во двете насоки.

Реконструкцијата на булеварот Крсте Мисирков опфаќа должина од 1.350 метри во двете насоки.

Градот Скопје апелираше до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до времено поставениот режим на сообраќај. Истовремено, ги замоли сите учесници во сообраќајот за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во овој дел на градот.