Општината Ѓорче Петров ги изрече првите мандатни казни за лица што со палање гуми и пластика го загадувале воздухот. Од општината велат битката со несовесните граѓани што палат оган на отворено продолжува.
– Инспекторите детектираа двајца што палеле гуми и пластика и истите тие се казнети со по 50 евра. Инспекторите изрекоа и една казна во делот на депонирање на отпад покрај контејнери во висина од 50 евра, како и една казна за продавање земјоделски производи на јавна површина. Паралелно се работи на лоцирање на хаварисани возила, a опоменати се сопствениците на 34 возила. По истекот на законскиот рок, доколку тие самите не ги отстранат, возилата ќе бидат отстранети на нивна сметка – објаснуваат од општината.
Оттаму додаваат дека задача на институциите е да работат одговорно и посветено, но и граѓаните треба да бидат активни учесници во решавање на загадувањето на воздухот. Обезбедувањето здрава животна средина, тврдат оттаму, им е врвен приоритет. Велат дека целта не им е да казнуваат, но додаваат дека здравјето нема цена.