Со осветлување на елката на плоштадот „Македонија“, вечерва се одбележа отворањето на првата новогодишна населба во Скопје, Винтерленд.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов го означи почетокот на новогодишното празнување и посочи дека пред нас се денови што носат радост кај луѓето, што зрачат топлина во семејството, радост за децата, што носат желби за подобра иднина, здравје и благосостојба на граѓаните.
-Годинава првпат го отвараме Винтерленд, нешто што досега сме го немале во нашиот град. Од 15 декември официјално во Винтерлендот секоја вечер од 18 до 23 часот ќе има програма за секоја возраст, за сите деца, за сите граѓани, вели Шилегов.
Тој информираше дека во наредните денови ќе биде поставено и лизгалиштето, ќе се постави снежно игло за децата, топ што ќе произведува вештачки снег и најразлични содржини за сите возрасти.
-Нашата желба е од година во година Винтерленд да прерасне во една регионална, туристичка атракција и дека градот ќе нуди се подобри услови за своите граѓани со цел да ги подобриме квалитетите во урбаното живеење, истакна градоначалникот Шилегов.
Осветлувањето на елката беше проследено со настап на средношколскиот хор составен од 120 ученици од девет средни училишта на Град Скопје и тоа од „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Васил Антевски Дрен“, „Владо Тасевски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Панче Караѓозов“, кој околу половина час изведуваше Божиќни песни.
Во населбата со име „Винтерленд“ (Зимска земја) е поставена и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста.