Знамето со боите на виножитото се вееше низ центарот на Скопје, на втората по ред „Парада на гордоста“, организирана од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. Стотина учесници парадираа од Жена парк до Градскиот парк во Скопје.
Низ скопските улици се носеа и транспарентни на кои беше испишано: „Родители вклучете се, љубов е“, „Љубов вон ѕидовите“, „Иднината е квир“. Слоганот на овогодишната скопска парада на гордоста е „Вон ѕидовите!“. Парадата на гордоста почна напладне со марш од паркот „Жена борец“, продолжи низ центарот на градот преку Владата до Градскиот парк, каде што на Школка е најавена музичка програма како дел од настанот.
На настанот учество земаа бројни познати лица, меѓу кои естрадни уметници и политичари. Меѓу останатите, присутни беа претседателот Стево Пендаровски со неговата сопруга Елизабета Пендаровска, министерките Радмила Шекеринска, Јагода Шахпаска, Мила Царовска и Ирена Стефоска. Вчера преку објава на Фејсбук парадата ја поддржа и премиерот Зоран Заев.
– Прајдот е протест, но и прослава, на која ги реафирмираме надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество – соопштија организаторите.