Во скопската населба Лисиче започнува акција за селектирање на пластиката, која ќе вклучи 400 домаќинства. На жителите од овој дел од градот ќе им бидат доделени две кеси за да ја селектираат својата пластика, но и ќе бидат запознаени со идејата на проектот и ќе им биде понудена соработка од организаторите.
Една од доделените кеси ќе се користи за тврда пластика, односно амбалажен отпад – детергенти, јогурт, шампони, лименки и слично, а другата за ПЕТ–амбалажа, поточно за пластични шишиња за пиво, вода сок, масло (сите амбалажи што имаат знак „триаголник за рециклирање“). Овие кеси во одреден ден од неделата ќе бидат подигнувани од страна на неформалните собирачи на отпад, кои ќе имаат видлива идентификација.
Акцијата ќе биде организирана од страна на општината Аеродром, во соработка со здруженијата „Ромски бизнис-информативен центар“ и „Гоу грин“, а поддржана е и од страна на градот Скопје.
Акцијата треба да исполни неколку различни цели, а тие се организација на собирањето отпад на формален начин за интеграција за неформалните собирачи на отпад и да се тестира системот за услуга на собирање отпад по системот „од врата на врата“.
Надлежните очекуваат со реализацијата на оваа акција да се намали бројот на отпадни депонии, да се намали загадувањето, да се заштити животната средина, како и да се спроведе економско вклучување на неформалните собирачи на отпад.
Х.Ј.