Општината Кисела Вода ги предупредува граѓаните дека по направените анализи е констатирано дека неколку извори во некои од населените места имаат небезбедна вода за пиење.
Неисправна е водата од селската чешма во селото Драчево, потоа изворот на Стакларница, во близината на „Свети Теодор“, на кривината во Бабин Дол, јавната чешма под црквата „Св. Ѓорѓија“, и онаа кај црквата „Св. Елена и Константин“.
Во согласност со испитувањата направени од страна на Институтот за јавно здравје, кој е овластена и акредитирана институција за испитување на здравствената безбедност на водата, неисправна за пиење е и водата од трите чешми под црквата „Свети Ѓорѓија“, горномаалската чешма во селото Драчево, како и каптираниот извор кај црквата „Света Руса“ во Пеленица, во селото Драчево.
Од општината Кисела Вода велат дека биле поставени 8 табли со предупредување на каптираните извори со небезбедна вода за пиење.
Исто така, информираат дека на изворот кај кривината кај „Света Петка“, Црниче, УВ-ламбата е заменета со нова, додека на изворот кај „Свети Ѓорѓија“ е поставена станица за хлорирање, која е испитана и пуштена е во употреба.

С.К.