Општина Карпош во рамките на проектот „Корупција? Не во мојата општина!“ неколку месеци е една од општините во кои им се даваше бесплатна правна помош на граѓаните, кои беа информирани и за начините како да препознаат и да пријават корупција. Станува збор за проект што беше спроведен од коалицијата „Сите за правично судење“, а со поддршка на Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ) и УСАИД. Исто така, беа зајакнати и капацитетите на администрацијата за борба со корупцијата, а се подготви и план за интегритет на општината, кој треба да биде одобрен и од Советот на Општина Карпош. Од локалната самоуправа на Карпош информираат дека на завршната онлајн дискусија за проектот, учесници биле повеќе засегнати страни, претставници на граѓански организации, градоначалникот Стефан Богоев, како и координаторите на советничките групи, Филип Даскаловски (СДСМ и коалицијата) и Тони Јаревски (ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата).
– Довербата може да се зголемува само со системски промени. Затоа, Општина Карпош назначи и лице за интегритет, за заштита на укажувачи, кое е достапно и на нашата веб-страница. Дополнително, ја унапредуваме дигитализацијата на јавните услуги, која значи и помало човечко влијание врз процесите, а со тоа и помал простор за корупција. Па, така, преку мобилната апликација „мЗаедница“, карпошани комуницираат директно со секторите, а ќе можат и да аплицираат за субвенции, да поднесуваат барања за еднократна парична поддршка и слично -вели градоначалникот Стефан Богоев.
Според фондацијата „Отворено општество“, Општина Карпош стана еден од омилените партнери на невладините организации поради ваквиот вид на отворена соработка, која непрекинато одржува континуитет и посветеност во отворањето и надминувањето на ваквите проблеми.
– Наодите од истражувањето (анкетата) на Коалицијата за првично судење покажаа дека урбанизмот е една од трите најчести области за кои граѓаните барале правна помош. По спроведеното истражување, 30 отсто од жителите сметаат дека градежната експанзија е најголем проблем, 10 отсто невработеноста, а 8 отсто безбедноста – информираат од Општина Карпош.