Граѓаните ќе добијат летоци за да дознаат повеќе за селекцијата на отпадот Фото: Маја Јаневска-Илиева

Петстотини домаќинства во населбата Влае, покрај кантите што ги имаат ќе добијат уште по една и со тоа ќе се вклучат во пилот-проектот на ЈП „Комунална хигиена“ за примарна и секундарна селекција на отпадот. Идејата за рециклирање, најверојатно, ќе се проширува и во другите општини

Петстотини домаќинства од населбата Влае ќе бидат вклучени во пилот-проект, а нивната задача ќе биде да се обидат да го рециклираат она што ќе го исфрлаат од своите домови. За проектот намерно се избрани индивидуални куќи, кои досега целокупниот отпад го фрлаа во кантите што ги поседуваат. Но сега учесниците во проектот ќе имаат уште по една канта и со тоа ќе добијат можност да го делат отпадот. Така, во првите канти ќе можат да фрлаат биоразградлив отпад, додека, пак, во втората ќе фрлаат таканаречени суви фракции, како хартија, метал, стакло. Проектот ќе го реализира јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кое деновиве и детално ќе образложи како ќе се одвива. Колку успешно ќе се реализира и како ќе се покажат граѓаните во процесот за рециклирање на отпадот дополнително ќе се анализира.

Целта е граѓаните да научат да рециклираат, односно да вршат примарна и секундарна селекција. Планот е проектот да се прошири и да се реализира и во други општини, а во Влае комплетно го финансира ЈП „Комунална хигиена“, која како трошок ги има само дополнителните канти што им ги дава на користење на вклучените домаќинства. Собирањето на отпадот ќе биде дел од нивната редовна обврска. Со намера што подобро да бидат информирани што значи селекцијата на отпадот и колку е таа значајна во понатамошниот процес за депонирање на отпадот, на граѓаните ќе им бидат поделени летоци. Целта е и самите тие да заклучат каква е користа од рециклирањето.

Од општината Карпош се информирани за реализацијата на еден ваков проект, но за комплетна информација нѐ преупатија до ЈП „Комунална хигиена“, од каде што, пак, беа децидни дека за деталите на овој пилот-проект официјално ќе информираат наредниве денови. Токму поради тоа не сакаа предвреме да зборуваат за тоа. Но и досега е познато дека голем проблем за комуналците е кога во исти садови граѓаните фрлаат биоразградлив отпад заедно со сѐ друго што имаат да исфрлат од своите домови. Тоа, секако, е причина за ширење неподнослива миризба, но и бактерии од контејнерите и кантите. Токму поради тоа е важно да се прави селекција на отпадот.
Од невладината организација „Екосвест“ појаснуваат дека примарна селекција на отпадот значи селекција на две и повеќе фракции од отпадот. Во практиката велат дека најимплементирана е примарната селекција во две фракции и тоа на сува неорганска постапка и мокра органска постапка.

– Исто така доста имплементирана е примарна селекција каде што органската се собира во еден сад, а неорганската се собира во повеќе садови. Колку садови од кој тип ќе се постават зависи од количествата комунален отпад кај домаќинствата, од развиената индустрија, како и од оддалеченоста заради економската оправданост. Во глобала, секундарната селекција на отпадот претставува селекција на два система на селекција и тоа: секундарна селекција на мешан отпад и секундарна селекција на претходно селектиран отпад – појаснуваат од „Екосвест“.


Земјите на ЕУ со заложба да има што помалку отпад

Земјите-членки на Европската Унија имаат цел до 2025 година за 55 отсто да се зголеми или да се изедначи процентот на повторна употреба и рециклирање на отпадот од домаќинствата. Додека, пак, до 2035 година, заложбите се процентот на депонирање на отпадот да се намали или изедначи на 10 отсто.
За да покажеме грижа за околината, создавањето на отпадот треба да се избегне или да се третира на таков начин со што ќе се намали неговото влијание. Европската Унија сака да ја промовира можноста да не се депонира отпадот или тој повторно да може да се реупотреби. Ако не е можно тоа, претпочита рециклирање (вклучувајќи и компостирање) проследено со употреба на отпад за производство на енергија. Најштетна опција за животната средина и здравјето на луѓето е едноставното отстранување на отпадот како што е депонирањето, кое исто така е една од најевтините можности.
Според статистичките податоци од Еуростат и Европската комисија од 2016 година, 47 отсто од целиот комунален отпад во ЕУ е рециклиран или компостиран. Сепак, практиките за управување со отпад варираат многу помеѓу земјите на ЕУ и многу земји сè уште депонираат големи количества комунален отпад.
Депонирањето е скоро непостојно во земји како што се Белгија, Холандија, Данска, Шведска, Германија, Австрија и Финска. Тука согорувањето игра важна улога заедно со рециклирањето. Германија и Австрија се исто така врвни земји во Европа за рециклирање. Практиката за депонирање останува популарна во источните и јужните делови на Европа. Дванаесет земји депонираат скоро половина или повеќе од нивниот комунален отпад. Во Малта, Грција и Романија ова е повеќе од 80 отсто, во Хрватска, Словачка и Бугарија е повеќе од 60 отсто.