И годинава, традиционално, по десетти пат, Црвениот крст на Скопје го реализира проектот „Волшебна елка на желби“ за децата сместени во згрижувачки семејства. Елката е поставена во трговскиот центар „Рамстор“, а украсена е со хартиени лампиони на кои 120 деца ги имаат запишано своите новогодишни желби. Во исполнувањето на детските желби можат да се вклучат и граѓаните.
Желбите на децата се различни, а секое одделено на хартиениот лампион има запишано што би сакало да добие за Нова година. Потоа со овие лампиони е накитена „Волшебната елка на желби“. Некои на тие лампиони запишале дека би сакале да добијат кукла, други јакна, тренерки или количка.
„Ако не сте дел од некоја друга хумана и добра приказна, бидете дел од нашата“ е мотото под кое Црвениот крст ги повикува хуманите луѓе да се вклучат во проектот за да ја зголемат радоста на овие деца за претстојните празници. Оние, пак, што би сакале лично да му го врачат подарокот на некое од децата, може да го направат тоа на 27 декември, кога се организира и дружба со децата пред новогодишната елка на желби, заедно со волонтерите на Црвениот крст на Скопје. Заинтересираните за вклучувањето во овој хуманитарен проект можат да се јават или директно да одат во Црвениот крст на градот Скопје или во „Рамстор“, од 17 до 19 часот, каде што ќе ги пречекаат младинците од Црвениот крст.