Министерството за животна средина не нуди интервентно решение со кое веднаш ќе се добие почист воздух. Во моментов презема низа законски измени и мерки, врши мониторинг и мерења, реализира проекти за заштита на воздухот. Но тоа очигледно не донесе почист воздух за граѓаните. Поради загадувањето, некои веќе кашлаат и чувствуваат гребење на грлото. Граѓаните ништо друго не бараат освен да се најде решение, а не само да се „лекува“ проблемот со години
Скопје повторно е меѓу најзагадените градови во светот. Вчера се искачи на третото место, а мерењата покажаа дека штетните ПМ 10 честички беа присутни со 166 микрограми на кубен метар, што е трипати повеќе од дозволената граница. Пред Скопје беше индискиот град Њу Делхи со 330 микрограми, кој се најде на второто, а прв беше градот Лахор од Пакистан, со 316 микрограми од присутните ПМ 10 честички во воздухот. Иако официјалниот почеток на зимата не е на повидок, сепак главниот град во земјава веќе неколку дена е на листата на десетте најзагадени градови во светот, а тоа ги плаши граѓаните колку загаден воздух ќе дишат зимава ако уште сега состојбата е ваква. Ниту Министерството за животна средина ниту Владата не нудат моментално решение како спас од енормното загадување. Владата најави иницијатива во која ќе бидат вклучени сите инспекциски органи, полицијата и сите други служби за да го мониторираат јавниот простор, а Министерството за животна средина пак не нуди интервентно решение, со кое веднаш ќе се добие почист воздух.
Она што во моментов го преземаат се мерки за заштита на воздухот. Но тие очигледно вчера не донесоа почист воздух, ниту во Лисиче, ниту во Гази Баба, ниту во општината Бутел, ниту во другите делови од Скопје, од каде што граѓаните не престануваат да пишуваат по социјалните мрежи, колку е загадено и мириса на чад и како поради загадувањето некои веќе кашлаат и чувствуваат гребење на грлото. Граѓаните не бараат ништо друго освен да се најде решение, а не само да се „лекува“ проблемот со години. Од Министерството за животна средина тврдат дека работат во тој правец, преку законски измени, мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух, набавка на нови мерни инструменти, реализација на проекти…
Според нив, во тек е спроведување на активностите од програмата за намалување на загадувањето на воздухот за 2019 година, преку која се доделуваат субвенции за промена на горивата на административни објекти и домаќинства. Потоа доделување прочистувачи за образовни институции и инсталирање мали и средни претпријатија во полошкиот регион, доделување средства на општините за воспоставување зелени површина, издигнување на јавната свест и подготовка на подзаконски акти. Оттаму информираат дека за програмата се обезбедени средства од буџетот во висина од 121.000.000 денари. Формирана е интерсекторска работна група за воздух, која редовно одржува состаноци за обезбедување поквалитетен амбиентален воздух во Скопје и во другите засегнати градови во државата. Но, секако, граѓаните нема да се согласат дека само со состаноци веќе од утре ќе дишат почист воздух.
– Подготвени се измени и дополнувања на Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, испратени на мислење до релевантните институции. Министерството за животна средина и просторно планирање донесе измени на правилникот за методологијата, начините, постапките, методите и средствата за мерење емисии од стационарни извори („Службен весник на РСМ“, бр. 176/19), со кои се врши стандардизација на построги услови за мерење емисии од стационарните извори од страна на акредитираните лаборатории. Со измените се прецизира дека мерењата за определена загадувачка супстанција треба да се вршат од страна на акредитирана лабораторија, која, освен што го поседува стандардот МКС EN 17025, треба да е акредитирана и за соодветниот метод на мерење за предметната загадувачка супстанција. Подготвени се измени на правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи што ги емитираат стационарните извори во воздухот – објаснуваат од Министерството за животна средина.
Оттаму додаваат дека вршат мерење на воздухот со 17 фиксни и една мобилна автоматска мониторинг-станица, кои се дел од државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух. Тие велат дека интензивно работат на решавање на проблемот на замена на застарените мерни инструменти со нови.
– Оваа година се реализира постапката за набавка на еден инструмент за мерење на ПM 10, кој во септември 2019 година се постави во станицата Гази Баба. Во тек е спроведување постапка за набавка на уште пет нови инструменти за мерење ПМ 10, кои треба да се инсталираат и пуштат во употреба најдоцна до 20 декември 2019 година. Со набавката ќе се заменат инструментите од мониторинг-станиците Лисиче, Велес 2, Кавадарци, Кичево и Гостивар. Набавка на нови мерни инструменти е планирана и во рамките на проектните активности што се спроведуваат во Министерството. Имено, набавка на една нова мониторинг-станица и замена на мерните инструменти од веќе постојната мониторинг-станица Битола 1 се активности што се планирани во рамките на проект финансиран од ИПА-програмата за прекугранична соработка со Грција во текот на 2020 година. Исто така, замена на голем број застарени инструменти со нови е планирана во рамките на проект што се спроведува со финансиска поддршка на Шведската меѓународна агенција за развој и соработка. Замена на мерни инструменти од постојните мониторинг-станици е планирана со ИПА 2 програмата, финансирана од ЕУ, со период на реализација од 2020 до 2022 година – информираат од Министерството.
Но дали законските измени, усвоените планови, проектите што ќе се реализираат и мониторингот и мерењата на квалитетот на воздухот денес ќе ни донесат почист воздух. Од Министерството вчера не кажаа кој е лекот и што ќе направат за веќе од утре да дишеме почист воздух. Не е доволно тоа што е воспоставен протокол за информирање на јавноста и тоа што се спроведуваат мерки при надминување на праговите на информирање и алармирање кога ПМ-честичките се присутни во воздухот повеќе од дозволените граници. Главното прашање што треба да се реши е како да паднат тие граници, а да не чекаме резултати по неколку зими.
Тоа што се подготвуваат извештаи и известување кон меѓународни организации, тоа што секоја година Министерството подготвува годишен извештај на обработени податоци за воздух, вода, отпад, земјоделство и бучава е всушност негова работа. За граѓаните е важно што ќе стои во тие извештаи за претстојната зима, какви ќе бидат податоците за воздухот во декември и во јануари ако сега градот ни е на третото место по загаден воздух во светот.
Граѓански организации бараат
Да се активираат армијата и полицијата во борбата за почист воздух
Здружени граѓански организации и иницијативи за почист воздух, во отворено писмо до претседателот Стево Пендаровски и до премиерот Зоран Заев, бараат активирање на припадниците на армијата и полицијата.
– Почитуван претседателе на Република Северна Македонија, г. Стево Пендаровски, почитуван претседателе на Влада на Република Северна Македонија, г. Зоран Заев, во согласност со вашите законски надлежности бараме да активирате припадници на армијата и полицијата за да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина, во согласност со членот 43 од Уставот и да се одржат јавниот ред и мир во општеството, во согласност со членовите 3, 5 и 14 од Законот за полиција. Имено, секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење оган на отворено и шумски пожари, кои ги загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на армијата и полицијата во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, регионалните центри за управување со кризи, општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторатот на градот Скопје и инспекторатите на општините – активно да се вклучат – се вели во отвореното писмо.
Се бара организирање ноќни дежурства со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за заштита и спасување на критичните точки во Скопје и низ републиката, кои се најфреквентни места за палење огнови на отворено. Да се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект, како и да се организираат редовни патроли на припадници на армијата во национални паркови и планински предели, кои се најфреквентни и најподложни на пожар.