Кој треба да ги собира есенските лисја? Тротоарите и пешачките патеки помеѓу станбените згради во населбите не се секогаш и секаде исчистени. Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека општините треба да ги собираат лисјата од блоковското зеленило, но од некои општини тврдат обратно
Есенските лисја по секој дожд може да бидат исто толку опасно лизгави, колку што е и мразот. Од тие причини особено е важно од нив навремено да бидат исчистени сите пристапни патеки по кои има поголема фреквенција на луѓе. Такви се тротоарите и пешачките патеки како на дел од улиците, така и меѓу станбените згради во населбите, кои не се секогаш и секаде исчистени. По секој дожд токму овие површини стануваат опасно лизгави и неоспорно е дека би можел секој да се лизне, млад или стар, а неочекуваните падови можат да бидат причина за полесни повреди, но и за кршење екстремитети. Токму затоа есенските лисја треба да се исчистат, како што мора да се исчисти и снегот кога паѓа.
Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ тврдат дека успеваат да ги соберат сите есенски лисја во деловите за кои тие се задолжени. Но велат дека тоа е подолг процес. Листот паѓа од октомври до март и во овој период од годината тврдат дека континуирано го собираат. Од претпријатието додаваат дека општините ги собираат есенските лисја од зеленилото меѓу зградите. Некаде го прават тоа целосно, а некаде само делумно. Тоа можеби е и причината зошто во некои делови од градот есенските лисја се напластиле по некои патеки.
– Ништо не собираат, стојат есенските лисја, никој не ги собира. По секој дожд внимавам каде ќе згазнам од страв да не се лизнам. Излегувам надвор само ако морам, зашто паѓањето од лизгање на есенски лисја за нас повозрасните може да биде исто толку опасно, колку и паѓањето по лизнување на мраз. Ако мразот мора да се исчисти, тогаш треба и есенските лисја да се чистат и отстранат барем од пешачките патеки – се пожали жителка на општината Аеродром.
Слична реакција има жителка на општинската Бутел, која вели дека неисчистени патеки од суви лисја има и во населбата Скопје Север и дека по дожд станува лизгаво по патеките помеѓу станбените згради. Секое утро вели дека тамошните жители мораат да поминуваат по овие патеки за да стигнат до продавниците.
– Забележувам неколкупати како работници со машини дувалки го чистат паркот спроти објектот на ЕВН. Ќе ги соберат лисјата на купче, а потоа ќе ги остават, па ако утредента дува ветер, повторно ќе ги разнесе додека дојдат со камионче да ги соберат купчињата. Во ред нека го чистат паркот, но зарем не е приоритетно да ги исчистат најпрвин лисјата на пешачките патеки, внатре во населбата – вели оваа бутелчанка.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека работниците секојдневно ги собираат лисјата што паѓаат.
– Притоа е вклучена потребната механизација. Меѓутоа не можеме да стигнеме секој ден да имаме камион за секој реон бидејќи градот е голем и камионите одат на секој реон преку еден ден. Лисјата од патеките што се под надлежност на градот Скопје ги собира ЈП „Комунална хигиена, додека внатре во населбите ги собираат општинските служби – велат како одговор на нашето прашање зошто најпрвин не се чистат фреквентните патеки во населбите.
Во чистењето на есенските лисја некои општини имаат ангажирано сезонски работници и, како што велат од ЈП „Паркови и зеленило“, некои повеќе некои помалку успешно се справуваат со нивното подигање.
Од општината Бутел информираат дека имаат ангажирано триесетина сезонски работници, од кои половината работат исклучиво на подигање есенски лисја.
– ЈП „Паркови и зеленило“ се задолжени за чистење на јавните површини од есенски лисја. Преостанатите површини ги чистат петнаесетина сезонски работници, кои се опремени со машини дувалки. Имаме и две камиончиња за подигање на есенските лисја. Престанатите сезонски работници се задолжени за другите комунални работи во општината – вели Снежана Клинчарова, одговорна за информирање во општината Бутел.