Одобрението за градба се издава доколку се исполнети сите услови пропишани во Законот за градење, изјави владиниот портпарол, Душко Арсовски, прашан за владиниот став во однос на изградбата на комплексот на паркингот спроти „Холидеј ин“, како и петицијата поднесена од граѓаните на Ново Маало кои се залагаат за изградба на објектот.
– Ќе се повикаме на Законот и се што е спротивно на тоа значи дека нема да има градба – рече Арсовски.
Како што појасни, со урбанистичкиот план се пропишува што е планирано со опфатот на таа локација, какви типови на надградба, колку зеленило е предвидено и каква инфраструктура е потребна. Врз основа на сите тие информации инвеститорот приложува проект и ако ги исполнува сите тие услови добива одобрение за градење.
Со Законот за градење е предвидено инвеститорот да отпопчне со градење во рок од две години. Доколку не почне, може да му се одздеме одобрението или ако не гради според приложениот проект.
Жителите на Ново Маало поднесоа петиција
Жителите на Ново Маало поднесоа петиција до Владата и Општина Центар со која бараат итно да постапат согласно законите и да овозможат изградба на комплексот кој е предвиден да се гради на паркингот спроти „Холидеј Ин“.
На петицијата, со преку 330 потписи се потпишани жители на Ново Маало, но и соседи од Градски ѕид и граѓани кои ги поддржуваат.
– За прв пат по децении талкање низ лавиринтите на системот, семејствата кои живеат во услови како од 19 век, конечно добиваат можност за достоен живот. Со оваа петиција, даваме поддршка и на инвеститорот кој нуди обештетување на семејствата, а преку истата, најостро ги осудуваме најавите и барањата на поединци, организации и институции за стопирање на проектот. Сметаме дека никој нема право да одлучува за тоа како ние ќе живееме. Нема да дозволиме заради нивните неразумни барања да останеме да живееме во супстандарди услови, прокиснати кровови, септички јами, нерешено греење и депонија за отпад. На сите оние кои реагираат дека овој простор ќе стане бетонска џунгла и заслужува зеленило, им укажуваме дека сега освен калдрма по сокаци, кал до колена и распукан бетон на паркинг нема ништо друго – велат жителите на Ново Маало.
Бараат од институциите да не го суспендираат планот. Во спротивно, како што велат, подготвени се да излезат на протест. На оние кои инсистираат планот да се суспендира, им порачаа да дојдат и да живеат во нивните куќи, кои не можат ниту да ги реновираат, па со задоволство ќе се заменат со нивните удобни станови.
– Ако некој со суспензија ни ги загрози правата ќе поднесеме колективна тужба за претрпена огромна штета од 1930 до 2021 година, ако треба и до Стразбур. Дополнително, ќе поднесеме пријава до Управна инспекција заради непостапување на општината – велат жителите.