Од Град Скопје додаваат дека во моментов, во рамките на капиталниот проект за паметен град („Скопје смарт сити“) се изработуваат и специјална апликација и алатка, на која за граѓаните ќе им бидат достапни многу опции за двонасочна комуникација, пријавување проблеми, електронско извршување услуги и апликации и слично
Светската пандемија, која несомнено ги зафати и земјава и главниот град, изврши големо влијание во навиките на граѓаните, кои во услови на зголемена изолација, со која ќе го заштитат своето и здравјето на другите, го зголемија и зачестија користењето на интернет-услугите на владините и општинските сервиси.
Па, така, на социјалните мрежи, но и на онлајн алатките достапни на интернет-страниците на општините, забележливо е зголемено присуство и користење од страна на граѓаните.
ГРАЃАНИТЕ ДА КОМУНИЦИРААТ СО ОПШТИНСКИТЕ ВЛАСТИ
Интернет-страниците на општините и фејсбук-профилите на општините и на градоначалниците се преполни со поплаки, сугестии и пофалби за работењето на локалните власти. На интернет-страниците на општините, на граѓаните им се достапни разни онлајн алатки на кои можат да пријават одредени проблеми, да остават некаква сугестија или, пак, да предложат идеја за одреден проект што веќе се реализира од страна на властите.
Како што информираат од некои од општините, граѓаните воопшто не се колебаат да ги користат онлајн сервисите што локалните власти им ги нудат и со кои им стојат на располагање.
– Во Општина Центар голем процент граѓани ја користат електронската алатка за пријавување проблеми поставена на општинската веб-страница. За одредени општински услуги е потребен шалтерскиот систем, како поднесување разни барања до архивата на Општина Центар, за кои на граѓаните им е потребно архивско бројче. Но за пријавување проблеми, или поднесување предлози и сугестии, граѓаните ја користат онлајн алатката поставена на општинската веб-страница, а пријавуваат проблеми и преку мобилната апликација на ЈП ПОЦ, на која има овозможено и таква опција – информираат од Општина Центар.
И од Општина Аеродром информираат дека граѓаните секојдневно преку онлајн алатките пријавуваат одредени проблеми и даваат разни предлози и идеи. Велат дека комуникацијата со граѓаните се одвива континуирано.
– Жителите најмногу комуницираат преку официјалните е-адреси, преку фејсбук-страниците на Општина Аеродром и на градоначалникот Златко Марин, преку Граѓанскиот сервисен центар, а од неодамна е креирана и нова платформа наменета исклучиво за хигиена www.higi-aerodrom.mk. Но, исто така, сите барања, прашања и идеи, граѓаните може да ги доставуваат и лично во архивата на Општина Аеродром, иако тоа го прават поретко. Многу често тие се обраќаат и директно на телефонските линии во одделенијата и секторите на Општина Аеродром. Најголем дел од барањата се однесува на поставување нова или замена на веќе постојната урбана опрема, но добиваме и конструктивни критики и идеи во однос на хигиената, како и другите сфери од работата на Општината – велат властите од Аеродром.
ГРАДОТ Е ТРАНСПАРЕНТЕН ВО КОМУНИКАЦИЈАТА
Како и општинските така и градските власти добиваат голем број предлози, сугестии и критики во поглед на реализацијата на проекти што се од голема важност за жителите на Скопје, а кои се под надлежност на градските власти.
Од градот потенцираат дека во нивното работење од исклучителна важност им е мислењето на граѓаните, па токму затоа и сакаат да ги вклучат граѓаните во носењето на одлуките.
– Од аспект на комуникација со граѓаните, ние имаме воспоставено голем број разни канали на двонасочна комуникација што граѓаните можат да ги користат за да контактираат со нас, како што се директна комуникација на шелтерите, телефонски јавувања, електронска пошта, како и комуникација преку официјалните профили на Град Скопје на социјалните интернет-мрежи – велат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека во моментов, во рамките на капиталниот проект за паметен град („Скопје смарт сити“) се изработуваат и специјална апликација и алатка, на која за граѓаните ќе бидат достапни многу опции за двонасочна комуникација, пријавување проблеми, електронско извршување услуги и апликации и сл.
– Граѓаните најчесто контактираат со администрацијата за услугите што ги нуди Градот, за некои новитети или дополнителни информации за дел од јавните повици што секојдневно се објавуваат од наша страна, како и да пријават проблеми и состојби од комунална природа – информираат градските власти.