И ГРАДСКИТЕ ГРОБИШТА ЦЕЛ НА ЗАГАДУВАЧИТЕ

Надлежните градски служби се запознаени со состојбата на терен кај гробиштата „Камник“ и станува збор за дива депонија до гробиштата „Камник“. Борбата за поздрава и почиста средина е процес во кој треба да бидат вклучени сите надлежни институции, но и граѓаните со своето одговорно однесување. Апелираме до граѓаните да ја чуваат животната средина и да не создаваат диви депонии, информираат оттаму

Факт е дека депониите се најголемиот проблем на главниот град и за тоа е пишувано милион пати досега. Сепак, сето тоа не ги спречува несовесните граѓани да продолжат да загадуваат, особено на места каде што тоа воопшто не е дозволено или, пак, фигуративно да речеме „соодветно“, бидејќи факт е дека загадувањето со отпадоци никаде не може да биде соодветно.
Сепак, некои локации воопшто не доликуваат за вакво однесување, особено ако станува збор за вечните почивалишта во градот, каде што ги испраќаме нашите најмили да почиваат во мир. Откако градот брутално се соочува со разноразни загадувачи и локации за исфрлање разни отпадоци, граѓаните почнаа ѓубрето од дома да го фрлаат на градските гробишта и околу нив.

КАБАСТ ОТПАД ВЕДНАШ ДО ВЕЧНИТЕ ПОЧИВАЛИШТА

Најнова локација за исфрлање отпад на оние што не сакаат да го отстранат соодветно или, пак, да си платат за подигање на таквиот отпад во ресорните јавни претпријатија, се гробиштата „Камник“. За жал, локацијата каде што ги испраќаме нашите најмили во вечно почивалиште во последно време се користи како место за фрлање кабаст, градежен и друг отпад.
Граѓаните реагираат дека состојбата е алармантна и за тоа револтирано објавуваат на социјалните мрежи, со надеж дека оние што загадиле ќе се свестат дека со тој крајно несоодветен чин ги сквернават почивалиштата на илјадници мртви чии семејства редовно ги посетуваат и мора да се соочуваат со оваа грда слика.

– Имам блиски членови на семејството што почиваат токму на овие гробишта и морам да нагласам дека ова е крајно непочитување на почивалиштата. Не сакам до гробот на моите блиски да има депонија. Не е фер и претставува крајно непочитување на починатите. Надлежните воопшто не ни се виновни. Тие колку и да чистат, не можат да постигнат да го соберат сето ѓубре што некој решил токму тука да го исфрли – вели Сашо П.
Тој вели дека ваквата слика е сѐ почеста и нагласува дека се фрлаат кабаст и градежен отпад, со кои се создаваат диви депонии на самите гробишта.
– Кај контејнерите претежно има ѓубре од домаќинствата и ѓубре од растенија, меѓутоа на слободните локации веднаш до самите гробишта има ќерамиди, тули, кревети, душеци, фотелји и што ли уште не. Срамно е ова што ни се случува. Таман на едно место ќе се исчисти депонија, на друго место никнува. За ваквите загадувачи се потребни најстроги санкции. Кога еднаш ќе платат од свој џеб поголема сума пари, не верувам дека ќе се осмелат повторно да го направат истото тоа – вели тој.

КОНСТАНТЕН ПРОБЛЕМ ЗА ГРАДОТ

Градските власти велат дека интензивно работат на расчистување и спречување на повторно создавање депонии, кои многу често се палат и го загадуваат воздухот. Исчистени се депониите во Кисела Вода, во Мичурин, во Ново Село, во Визбегово, во Рашче и во дел од Вардариште. На местото на расчистените депонии во Мичурин и во Кисела Вода се уредени зелени паркови на задоволство на локалните жители.

– За жал, честопати се случува на иста локација да мора да се чисти поголем број пати, поради тоа што несовесни граѓани повторно незаконски го депонираат шутот на истите локации. Инспекторите и комуналните редари на Град Скопје вршат засилени контроли на терен, но сепак не се можни секојдневни контроли на истите локации – информираат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека се запознаени со проблемот со депониите кај гробиштата „Камник“.
– Надлежните градски служби се запознаени со состојбата на терен кај гробиштата „Камник“ и станува збор за дива депонија до гробиштата „Камник“. Борбата за поздрава и почиста средина е процес во кој треба да бидат вклучени сите надлежни институции, но и граѓаните со своето одговорно однесување. Апелираме до граѓаните да ја чуваат животната средина и да не создаваат диви депонии – информираат оттаму.

Градските гробишта речиси секогаш биле цел на загадувачите. Со сличен проблем многу години се соочуваа градските власти и околу градските гробишта „Бутел“, каде што исто така се фрла секаков вид отпад.

[email protected]