Сојузот на спортови на Скопје под покровителство на Град Скопје денеска го организира велосипедскиот караван „Скопје на точак“ заедно со партнерите Бајк центар и Пробајк Скопје.
Стартот на манифестацијата е во 12 часот од булеварот „Илинден“ кај фонтаната Лотос со правец на движење кон Сити мол. Се врти лево по улица Љубљанска и се вози по ул. Московска до Студентскиот дом Гоце Делчев. Кај домот се врти лево по улица М. Т. Гологанов и се вози право до Католичка црква. Од таму се продолжува по М. Т. Гологанов, па по улица Димитрие Чуповски, потоа право по бул. 11 Октомври до семафорите кај Црвен Крст каде се врти лево по бул. Кочо Рацини. Таму се вози преку мостот по бул. Крсте Петков Мисирков. На семафорите кај Мавровка се врти лево и се вози по бул. Гоце Делчев, преку мостот Гоце Делчев, се приклучува на бул. Илинден и се доаѓа на стартот, кај Фонтаната Лотос во Градски парк. Се очекува велосипедската тура да заврши околу 12:30 часот по што се предвидени велосипедски дружења до 13:30 часот.
Завреме на манифестацијата ќе биде организиран времен сообраќаен режим, а градските автобуси и останатите возила ќе бидат пренасочени по други сообраќајници.