„Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение” одржана по 15-ти пат
Општина Илинден ја реализираше традиционалната 15-та по ред манифестација „Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение”, со која се обезбедени илјада нови книги за библиотеките во општина Илинден.
Поради вонредната состојба со пандемијата со коронавирусот годинешната манифестација имаше сосема нов лик, изостана традиционалниот настан во Домот на култура „Илинден“, но затоа голем број на стопанственици, писатели, граѓани… подарија книги од повеќе реномирани домашни и светски автори, со цел да ја продолжат традицијата како долгогодишни учесници во оваа манифестација.
Манифестацијата се одвиваше според сите протоколи за заштита и поради пандемијата ќе трае повеќе денови. Оваа оригинална и единствена од ваков вид манифестација, која што истовремено ги обединува културата, уметноста и традицијата, се одржува секоја година на Велики четврток, во пресрет на големиот христијански празник Велигден, при што секој посетител на манифестацијата во Домот на култура „Илинден“ што ќе даруваше книга за возврат добиваше црвено велигденско јајце. Од почетокот на оваа благородна манифестација пред 15 години досега се обезбедени триесет и седум илјади книги наменети за Општинската библиотека „Илинден“, библиотеката во Домот на култура „Марино“ и училишните библиотеки во општинските основни училишта: „Гоце Делчев“ – Илинден, „Ристо Крле“ – Кадино и „Браќа Миладиновци“ – Миладиновци.
Манифестацијата „Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение” одбележувајќи го 15-от годишниот јубилеј покажа дека ја остварува својата цел – ја доближи книгата до сите возрасти читатели, а што е најважно пишаниот збор го доближи до најмладите, па затоа не изненадува што веќе имаме и повеќемина ученици од основните училишта кои издадоа и промовираа сопствени книги.
Благодарејќи на оваа манифестација учениците од основните училишта, како и од Средното општинско стручно училиште „Илинден“, на располагање имаат библиотеки богати со книги од сите жанрови, како и пристап до неопходните лектирни изданија и тоа по повеќе примероци од секој наслов, што овозможува повеќемина ученици во ист период да можат да ја имаат потребната лектира.
Заслуга за успешноста на манифестацијата имаат и повеќемината реномирани македонски писатели и поети кои со своето редовно учество на оваа манифестација беа мотив повеќе младите од општина Илинден да тргнат по нивниот пат. Ова се должи и на повеќегодишната успешна соработка на општина Илинден со Друштвото на писателите на Македонија, со чија соработка се реализира Литературната манифестација „Илинден“.
Затоа, општина Илинден со почит изразува голема благодарност до сите досегашни учесници во манифестацијата „Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение“, кои што подарија книги, на преставниците од бизнис секторот, на повеќе издавачки куќи, научни институции и факултети, амбасади, на писателите, на учениците, како и на големиот број граѓани, кои со дарувањето книги го збогатија библиотечниот фонд на двете општински библиотеки, како и училишните библиотеки, давајќи голем придонес во афирмацијата и развојот на културата, образованието и науката.
Негувањето на пишаниот збор и во иднина останува во приоритетите на општина Илинден, па затоа во наредниот период ќе се воспостави и е-библиотека, каде што читателите ќе имаа пристап до пишаниот збор и по електронски пат.