По извршените мерења на бучавата од сообраќајот, на неколку локации во Скопје, резултатите се алармантни. Измерени се максимални 111 децибели, двапати повеќе од дозволеното. Сообраќајните експерти советуваат спроведување соодветни мерки за намалување и контрола на бучавата, а најпрвин на оние што не чинат пари
Патниот сообраќај е најдоминантен извор на загадување со бучава, а во урбаните центри на бучава се изложени повеќето од луѓето. Транспортниот сектор во и надвор од урбаните средини во Европа е главна причина за ваков вид загадување. Според Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во Европската Унија, по загадувањето на воздухот. Процената е дека 100 милиони Европејци се погодени од штетните нивоа на бучава од патниот сообраќај, односно дека се изложени над европскиот праг од 55 децибели во текот на денот и 50 децибели во текот на ноќта. Од овие 100 милиони, 32 милиони се изложени на многу високи нивоа на бучава од над 65 децибели. Како резултат на ваквата изложеност на бучава, секоја година во Европа има најмалку 10.000 случаи на предвремена смртност.
Сообраќајната бучава станува и дел од секојдневието на поголемите градови во Македонија, особено во Скопје. Сообраќајните експерти веќе советуваат како може да се намали интензитетот на сообраќајната бучава врз граѓаните и препорачуваат примена на одредени мерки. Неодамна вакви мерки беа презентирани во Скопје и во Битола, а презентациите беа организирани како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализираше Институтот за комуникациски студии. Кампањата беше финансирана од британската амбасада во Скопје.
За утврдување на нивоата на бучава од патниот сообраќај, беа извршени мерења на две селектирани локации во Скопје. Опфатени беа локации со интензивен сообраќај во центарот на градот, но пред сè оние видови објекти што се чувствителни на бучавата, како што се болници, училишта и станбени зони. Мерењето беше направено кај Градската болница, потоа на улицата Дрезденска пред основното училиште „Војдан Чернодрински“ и кај Педагошкиот факултет. Мерењето го изведоа студенти од Отсекот за сообраќај и транспорт од Техничкиот факултет од Битола.
– Мерењето на бучавата беше изведено во претпладневниот и попладневниот шпиц на секоја од локациите. Треба да се истакне дека во самиот тек на мерењата се забележа дека во бучавата доминантни се патничките возила, поради нивната многубројност во однос на другите категории возила. Појавата на товарните возила, автобусите и мотоциклите во сообраќајните текови придонесуваше за краткотрајни, но интензивни осцилации во висината на измерената бучава. Исто така, повисоки нивоа на бучава беа измерени и од самите патнички возила во фаза на забрзување или движење со повисока брзина. Добиените резултати од сите мерни места беа обработени и беше изведена споредба со ограничувањата според постојниот Правилник за гранични вредности за нивото на бучава во животната средина. Резултатите покажаа дека на секоја од мерните локации, максималните вредности се далеку поголеми од дозволените, а на одредени локации, беа измерени максимални вредности од 111 децибели, односно двапати поголеми вредности од дозволените граници. Ваквите резултати потврдија дека проблемот со бучавата од патниот сообраќај е присутен и во нашите урбани области и дека е неопходно да се селектираат, препорачаат и спроведуваат соодветни мерки за намалување и контрола на бучавата – објасни д-р Бети Анѓелеска, доцентка на Техничкиот факултет во Битола.
За намалување на бучавата кај Градската болница се предложени комбинација од мерки како замена на сигнализираната крстосница на улиците 11Октомври, Даме Груев и Филип Втори Македонски со кружна крстосница, потоа смирување на сообраќајот со поставување лежечки полицајци со пневматско перниче или со заоблен горен дел на улицата Филип Втори Македонски. Експертите сметаат дека сообраќајната бучава ќе се намали и на улицата Дрезденска, ако се смири сообраќајот со ограничување на брзината на 30 километри на час или ако тоа се направи со поставување издигнати пешачки премини пред ОУ „Војдан Чернодрински“, Педагошкиот факултет и објектот на Катастарот за недвижности. За истата цел може да се ограничи сообраќањето на товарните возила во текот на денот и за нив да се забрани сообраќајот во вечерниот/ноќен период. Некои од економски прифатливите мерки, како што се редукциите на брзината или забраната за товарните возила, може да се применат многу брзо. Според сообраќајните познавачи на состојбите, плановите за реконструкција на патиштата треба да бидат тесно координирани со плановите за развој на сообраќајната мрежа и со плановите за одржување на сообраќајниците. Инвестирањето во проекти исто така е клучно за намалување на сообраќајната бучава.
Бучавата претставува мешавина на разни звуци со различен број треперења во одредено време. Загадувањето со бучава негативно влијае врз квалитетот на урбаниот живот. Сообраќајната бучава го опфаќа секој звук што влијае врз психичката и врз физичката состојба, така што ја попречува и ја смалува продуктивноста на работа, предизвикува вознемиреност и стресни реакции, го оневозможува одморот и им штети на здравјето и на расположението. Изложеноста на повисоки нивоа на бучава доведува до предвремена смртност, кардиоваскуларни болести, когнитивни нарушувања, нарушувања на спиењето, хипертензија и на крајот вознемиреност и сериозни психички нарушувања.