Во Македонија во 2018 година се наплатени 5.145 казни за брзо возење, а во 2019 година само за шест месеци 2.804 казни. Според МВР, брзото возење е во првите три најчести фактори за сообраќајните несреќи со потешки последици. Сообраќајните несреќи ги чинат повеќето земји околу три проценти од нивниот бруто-домашен производ
Според податоците од Светската здравствена организација, околу 1,35 милион луѓе умираат секоја година како резултат на сообраќајни несреќи. Како фактор број еден се наведува возењето со неприспособена брзина. Во Скопје на голем дел од сообраќајниците возењето со големи брзини е секојдневна појава, па токму и поради тоа често се случуваат сообраќајни несреќи. Поради стравот од ваквите несакани настани и возењето со големи брзини и, пред сѐ, стравот за безбедноста на своите деца, неодамна жителите на населбата Лисиче се мобилизира и излегоа на протест. Тие десетина дена протестираа поради брзите и бесни возачи по должината на булеварот Дванаесетта македонска ударна бригада, кажувајќи гласно дека сакаат да имаат мирна населба во која ќе можат слободно да се движат со децата без да се плашат дека ќе бидат повредени од несовесни возачи.
Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во 2018 година во Македонија имало 133 загинати и 5.860 повредени во сообраќајни несреќи. Повредите во патниот сообраќај предизвикуваат значителни економски загуби за поединците, нивните семејства и државата како целина. Овие загуби произлегуваат од трошоците за лекување на повредените или загинатите, изгубената продуктивност и инвалидитет на повредените, како и за членовите на семејството што треба да поминуваат време надвор од работа или училиште за да се грижат за повредените. Повеќето земји сообраќајните несреќи ги чинат околу три проценти од нивниот бруто-домашен производ, се наведува на веб-страницата на СЗО.
Според анализите на МВР, брзото возење е меѓу првите три најчести фактори за случување на сообраќајните несреќи со потешки последици.
Според истражувањата на СЗО, зголемувањето на просечната брзина е директно поврзана со веројатноста за сообраќајна несреќа и со сериозноста на последиците од несреќата. На пример, секој еден процент зголемување на средната брзина предизвикува четири проценти зголемување на фаталниот ризик од несреќа.
Зголемување на брзината од 50 километри на час на 65 километри на час го зголемува ризикот за смртност на пешаците погодени од преден дел на автомобил за 4,5 пати. Во случаи на судир на автомобил со автомобил, ризикот од смртност кај патниците е 85 проценти доколку се вози со 65 километри на час. Според податоците од МВР, во текот на 2018 година има 6.311 и во првите шест месеци од 2019 година 4.369 постапки против возачите на моторни возила за сторениот прекршок „управување со брзина поголема од дозволената“.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, на јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 50 километри на час, освен ако не е пропишана дозволена брзина со сообраќаен знак. Но и да е пропишано со знак, дозволената брзина не смее да е поголема од 70 километри на час. Доколку не се почитуваат овие одредби, законот предвидува казни од 10 до 400 евра, 10 до 65 негативни поени или забрана за управување моторно возило од шест до 12 месеци. Висината на казната се одредува во зависност од тоа со колку голема брзина се вози над дозволеното.
За да се намали бројот на неодговрни возачи, сообраќајната полиција организира акции и патролира на јавните патишта. За 2018 година полицијата има 5.145, а за 2019 година 2.804 наплатени казни за брзо возење. Исто така, лани привремено биле одземени 1.137 возачки дозволи и 400 во 2019 година.