Првпат Бит-пазар доби дрворед, а засадени се 40 нови садници од видот јасен. Здравите висококвалитетни садници ќе бидат дел од разубавувањето на овој дел од градот, но и придонес за подобрување и за поздрава животна средина. Градските власти очекуваат дека јасените ќе придонесат за намалување на загадувањето на воздухот.
– Мерната станица на оваа локација изминатиов период покажува висока концентрација на ПМ10 честички, а со зазеленување на овој простор ќе се влијае на намалување на загадувањето. Дополнително, со садењето дрвја на оваа локација конечно ќе ги ослободиме тротоарите од возила. Приоритет оваа есен е обновување на сите постојни дрвореди во центарот на градот и подигање нови. Во Скопје, по должината на градските сообраќајници и во средишните жардиниери на булеварите, има речиси 500 пенушки, кои ќе бидат отстранети и на нивно место ќе се засадат нови здрави садници – истакна портпаролот на градот Скопје, Ваљон Салиху.
Минатата недела беше реконструиран дрворедот на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, каде што беа заменети 40 исечени и паднати дрвја со нови здрави висококвалитетни садници од истиот вид. Следната недела е планирана реконструкција на дрворедот на улицата Франклин Рузвелт, а потоа се планира подигнување нов дрворед во Ѓорче Петров.
Според информациите на градот Скопје, есенва се предвидува засадување на 3.500 висококвалитетни листопадни садници на повеќе локации во сите скопски општини. Се работи на надоместување на изгубеното зеленило, зголемување на парковите и на дрворедите и на заштита на сите јавни зелени површини во градот. Оваа акција градот Скопје ја реализира заедно со скопските општини, кои во неа учествуваат со свои работници, механизација и садници.